Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос на новите мерки поврзани со станбеното прашање на младите и зголемувањето за 20% за студентите за студентскиот оброк, изјави:
„Најпрвин би сакал да се заблагодарам што внимателно беше проследен настанот од вчера, годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, каде што промовиравме мерки коишто цениме дека ќе го олеснат решавањето на егзистенцијалното прашање, а тоа е домувањето на младите брачни парови или брачни парови до 35 години возраст.
Првата мерка се однесуваше на еден закон којшто ќе се најде пред пратениците многу скоро, на којшто работиме заедно со Министерството за транспорт. И ценам дека со овој закон драматично ќе се олесни начинот на обезбедување и решавање на ова егзистенцијалното прашање, а тоа е домувањето.
Што предвидува оваа мерка? Имено, секоја градежна компанија којашто во иднина ќе гради објекти за домување, мора однапред да определи најмалку 10% од станбената површина за домување којашто потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена којашто ќе биде минимум 20% пониска од цената којашто се нуди за таа катастарска општина којашто била актуелна во претходната година. Точно ќе знаеме врз основа на склучените купопродажни договори колкава била претходната календарска година цената во таа одредена катастарска општина за станбени единици. Просекот точно знаеме колку можеме да го пресметаме и 20% од тоа ќе биде со попуст, односно поевтино, ќе биде понудено на млади брачни парови до 35-годишна возраст.
На овој начин цениме дека го олеснуваме решавањето на ова егзистенцијално прашање, а тоа е домувањето. Знам дека во минатото имаше разноразни иницијативи да се плаќа еден, два, три проценти од каматите на кредитите, на заемите и слично. Не, нашиот пристап е директен и јасен и прецизен, не еден, два, три проценти, туку минимум 20% пониска цена за метар квадратен за брачен пар до 35 години, којашто ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година за да нема понатаму шпекулации.
Втората мерка е исто така закон којшто многу скоро ќе се најде пред пратениците, а тоа е да за брачни парови до 35 години коишто ќе сакаат да изградат свој дом, нов дом, односно куќа, да општините не наплаќаат комуналии. Односно, да не можат да наплатат комуналии. И тоа ќе биде повторно законско решение коешто ќе биде многу скоро дадено пред пратениците. И очекувам поддршка од сите пратеници во македонското Собрание.
Третата мерка, а тоа е оброкот којшто е многу популарен. Гледам некои од политичките партии жестоко го злоупотребуваат, што не би требало така да биде, но како и да е, тоа оставам на нивната чест и совест. Но, она коешто ние како Влада сакаме да го постигнеме е во голема мерка да го подобриме стандардот на студентите. Сега зборувам за студентскиот стандард и студентскиот оброк.
Имено, во изминатиот период драматично ги зголемивме најпрвин средствата коишто ги одвојуваме за студентскиот стандард. Еден студентски дом којшто беше ветување многу пати дадено во минатото, се заврши и пушти во употреба. Уште еден ќе биде пуштен до крајот на оваа година, евентуално од почетокот на следната година. И неколку други ученички, студентски домови започнуваат со реконструкција со средства коишто ќе ги обезбеди Владата. Тие средства се во висина од отприлика педесетина милиони евра.
Кога на тоа ќе се додадат сите оние грантови за самовработување на лица до 29 години, кога на тоа ќе се додадат електронските уреди коишто ги обезбеди оваа Влада, дојдовме до студентскиот оброк којшто сакаме на еден поинаков, иновативен начин да го решиме преку апликацијата „м-услуги“. Односно, студентите не само да добијат зголемување на сумата којашто ќе ја користат за да го обезбедат студентскиот оброк, туку истовремено преку „м-услуги“ апликацијата да добиваат и други привилегии коишто во овој момент не ги добиваат. И ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од Министерството за дигитална трансформација, образование и наука и финансии. И очекувам многу скоро да излеземе со ова иновативно, дигитално решение коешто го нема во Европа. Ниту една држава во Европа нема ваков тип на решение коешто ќе го имаат македонските студенти.“






