„Секое делегирање на надлежност мора да има недвосмислена законска основа. Секој однос на хиерархија и надзор мора да биде правно определен. Секоја институционална одговорност мора да биде поврзана со конкретно овластување“ – истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев на втората јавна расправа за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) која се одржа во македонското Собрание. На расправата пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, ги образложи предложените решенија за појасна распределба на надлежностите и утврдување на одговорноста на органите на државната управа. Посочи дека анализите на постојната организација покажале преклопување на одделни функции и потреба од попрецизно уредување на односите меѓу органите. Со Нацрт-законот се прецизираат правилата за делегирање на надлежностите, хиерархијата на актите и институционалниот надзор.
Предложеното решение предвидува на секои пет години да се оценуваат оправданоста и функционалноста на самостојните органи, според објективни критериуми и со почитување на законските гаранции за нивната самостојност. Воедно, се разграничува политичката одговорност за утврдување на јавните политики од професионалната одговорност на администрацијата за нивното законито и непристрасно спроведување.
Денешната расправа е продолжение на консултациите за Нацрт-законот, кој беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) во период од 30 дена и доставен до надлежните институции и до координаторите на сите пратенички групи. Пред собраниската Комисија, пратениците, стручната јавност и заинтересираните страни имаа можност да дадат предлози и забелешки за понатамошно унапредување на текстот.
Министерот нагласи дека за донесување на законот е потребно двотретинско мнозинство и повика на поширока парламентарна согласност за правилата според кои ќе функционира државната управа.
„Државата мора да има институционална меморија што е подолга од секој политички мандат и правен поредок што е посилен од секоја поединечна политичка волја“ – порача Минчев.
Донесувањето на ЗОРОДУ, предвидено во Реформската агенда, е дел од заложбата на Министерството за јавна администрација да воспостави стабилна законска рамка во која надлежностите на органите се јасно разграничени, а одговорноста за нивното извршување е прецизно утврдена. По донесувањето на законот, реформата ќе продолжи со усогласување на законодавството и доследна примена на новите организациски правила, со цел да се обезбеди поголема правна сигурност и континуитет во работењето на државната управа.






