Четири мечки упаднале во пчеларник во битолското село Дихово, каде што уништиле повеќе кошници и пчелни семејства, а нивната „гозба“ била снимена од безбедносната камера на сопственикот, објави „Телма TВ“.
Пчеларот вели дека мечките повторно се спуштиле во потпелистерските села во потрага по храна. Тој нагласува дека штетата не е само материјална, бидејќи зад секое уништено пчелно семејство стојат години труд и посветеност.
Останатите пчелари од потпелистерските села велат дека ваквите посети стануваат дополнителен проблем за нивното производство, кое веќе е погодено од климатските промени и намалените приноси на мед.






