Само 14 отсто од Французите имаат позитивно мислење за работата на претседателот Емануел Макрон, што е најниско ниво на поддршка досега, покажува најновото истражување на „Ипсос-БВА“.
Според резултатите објавени во весникот „Трибин диманш“, поддршката за Макрон е намалена за еден процентен поен во однос на претходната анкета. Дури 83 отсто од испитаниците не ги одобруваат неговите постапки, додека три проценти немаат став.
Заменик-генералниот директор на „Ипсос-БВА“, Брис Тентирје, оценил дека резултатот е „понизок дури и од историски ниската популарност“ на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд.
Ниту премиерот Себастијан Лекорни нема висока поддршка. Неговата работа ја одобруваат 19 отсто од граѓаните, што е за три процентни поени помалку од претходното истражување, додека 72 отсто не го поддржуваат.
Истовремено, претставниците на десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен и Жордан Бардела, имаат најмногу позитивни оценки меѓу политичарите кои биле опфатени со прашањето за можен претседател на Франција во 2027 година.
На прашањето дали би биле задоволни доколку Ле Пен стане претседателка, позитивно одговориле 36 отсто од испитаниците, што е за четири процентни поени повеќе од претходната анкета. Бардела добил поддршка од 34 отсто, односно еден процентен поен повеќе.
Во истражувањето за првпат бил вклучен и џудистот Теди Ринер, кој минатиот понеделник ја објави својата претседателска кандидатура. Тој добил позитивни оценки од 17 отсто од испитаниците.
Резултатот на Ринер е повисок од оној на Едуар Филип, Ерик Земур и Габриел Атал, а ист колку поддршката за Рафаел Гликсман. Ринер вчера изјави дека не е поддржувач на Макрон ниту негов пратеник.
Истражувањето покажува и дека куповната моќ е меѓу трите најголеми грижи за 60 отсто од Французите. За 38 отсто загрижува иднината на системот за социјална заштита, додека 36 отсто како сериозен проблем ги издвојуваат јавниот долг и буџетскиот дефицит.






