Инспекцискиот надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил пропусти во постапувањето во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, информираат од надлежното министерство. Според наодите на инспекторите, Центарот постапувал согласно законот и презел мерки за нејзина заштита.
Центарот на 2 октомври добил известување од МВР за настан што се случил на 30 септември. Истиот ден бил контактиран таткото на девојката, а на 5 октомври со него и со Билјана биле спроведени разговори и биле земени изјави на записник. Таткото дал согласност за поведување понатамошни постапки за нејзина заштита.
Следниот ден на разговор бил повикан и Виктор Гунтаров. Според информациите за надзорот, социјалните работници му укажале на недозволивоста на насилното однесување и на последиците од него.
По проценката на ризикот, Центарот поднел барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита. Судот определил шестмесечна забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со девојката, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри.
Според изнесените информации, во МВР немало пријава за прекршување на мерките.
На протестот против фемицидот и насилството врз жените, жителка на Богданци побара поширока одговорност од возрасните во опкружувањето на девојката. Таа тврдеше дека наставници знаеле за насилството и дека Билјана со недели не одела на училиште, но дека тоа не било пријавено и испитано. Овие обвинувања не се потврдени со презентираните наоди од надзорот.
Заклучокот на инспекторите се однесува на постапувањето на Центарот за социјална работа во Гевгелија, а не на целокупното постапување на сите институции во случајот.






