Апелациониот суд во Скопје донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски-Боки 13 во предметот „Меѓународен сојуз“, со што ја преиначил првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор. Информацијата ја објави неговиот адвокат Сашко Дуковски. Ослободени се и другите кои беа обвинети во истиот случај.
„Ете, правдата е спора но достижна! Апелациониот Суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од 5 години!!“, објави Дуковски.
Одлуката претставува нов пресврт во предметот кој со години се водеше против Јовановски и повеќе други обвинети за наводни финансиски злоупотреби поврзани со невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Во претходната постапка, Апелациониот суд веќе ја потврди ослободителната пресуда за поранешната пратеничка Фросина Ташевска-Ременски, додека првичните пресуди за дел од останатите обвинети беа укинати и предметот беше вратен на повторно судење.
Во октомври 2025 година, по повтореното судење, Јовановски беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари. Според денешното соопштение на неговиот адвокат, таа пресуда сега е преиначена во ослободителна.
Дуковски ја поздрави одлуката со оценката дека по лошо обвинение следува ослободителна пресуда.






