СДСМ поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, поради неговото однесување во Собранието и поради активности за кои опозициската партија тврди дека се спротивни на националните интереси.
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, соопшти дека партијата бара политичка одговорност од Стоилковиќ, кого го обвини за ширење омраза, величење осудени воени злосторници и за промовирање политики блиски до интересите на Србија, Русија и на Кина.
Трајчулески рече дека особено загрижува наводната поврзаност на Стоилковиќ со српски разузнавачки структури, како и неговите јавни настапи и активности поврзани со Русија. Според него, тие отвораат прашање чии интереси ги застапува Стоилковиќ како член на македонската Влада.
„Време е за политичка одговорност на еден од извршителите на Вучиќ, на кинеските и руски агенди, за ширењето омраза и величењето воени злосторници”, праша Трајчулески.
Во интерпелацијата, според СДСМ, се опфатени и содржини со кои се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид. Трајчулески оцени дека луѓето кои величаат осудени воени злосторници и ги оправдуваат воените злосторства не треба да извршуваат јавни функции. Тој посочи и на одредби од Кривичниот законик што се однесуваат на одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства.
Како дополнителна причина за интерпелацијата, Трајчулески ги наведе пцуењето, навредите и заканите што, според него, Стоилковиќ им ги упатувал на пратеници од СДСМ, меѓу кои Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли и нему лично. Тој рече дека министерот досега не бил повикан на одговорност ниту се извинил за своето однесување.
„Со оваа интерпелација бараме политичка одговорност и јасен одговор од парламентарното мнозинство: дали ќе го заштитат достоинството на Собранието и државните интереси или ќе го заштитат Стоилковиќ“, изјави Трајчулески.






