Заклучени врати на експозитурите на Алта банка Битола забележавме низ градот. Зад нив, вработените ја организираат работата за нареднава неизвесна недела за нив, но и за стотици граѓани и компании кои имаат банкарски сметки во Алта Банка Битола. До ова дојде откако викендов Народната Банка го преземе управувањето со банката и ограничи користење на парите на сметките до 10 илјади денари за една недела за граѓаните, а за фирмите овозможи само трансфер на пари од една во друга сметка во Алта Банка Битола, не кон другите банки.
Но, реалноста на терен ова понеделничко утро е малку вознемирувачка за сопствениците на кредитни и дебитни картички од Алта банка, кои не можат да си извадат пари како што им вети Народната банка, бидејќи на банкоматите пишува „го надминавте вашиот лимит“, а нема со кого да се консултираат за нивниот проблем.
Разочарани граѓани кои треба да земат плата и пензија во оваа банка се уплашени и стравуваат за тоа како ќе се истера месецот во оваа ситуација.
„Не знам што ќе правам, од сабајле вртам по банки, кај сметководител да прашам што да правам, имам фактури за наплата што чекам да ми бидат уплатени, имам еден вработен, денеска требаше да пуштам плата за него и мене, како ќе го изведам ова навистина не знам“, вели 40 годишниот скопјанецот Стефан Б. кој денеска го сретнавме пред експозитурата на Алта Банка во скопската населба Лептокарија.
„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите“, рече гувернерот на Народната банка Трајко Славески на вчерашната вонредна прес конференција.
Стефан се прашува како е тој заштитен ако не може да си подигне пари, да си пушти плата или да си плати сметки повисоки од 10 илјади денари.
„Бараат да си плаќаме кредити, а услови за тоа нема, ниту функционира електронското банкарство, ниту пак има отворен шалтер физички да си платам“, додава тој.
Пензионерката Вера Стојановска, рече дека иако има заклучени врати, ќе си почека тука, надевајќи се дека вработените сепак ќе дојдат на работа и можеби ќе и одговорат на прашањето што ја мачи „ Како да си плати за лековите кои треба неделава да ги подигне од аптека, ако не може да ја извади пензијата од сметка“.
Покрај овие, македонската ќерка банка на Алта банка Србија си има и други проблеми наталожени од првата година од нејзиното постоење во земјава.
Банката давала повеќе кредити, а заработувала помалку од камати и провизии, додека трошоците ѝ растеле. Ова го покажува последниот неревидиран финансиски извештај за билансот на Алта банка Битола, за период од 01 јануари до 30 септември, објавен на 30 октомври на Македонската берза. Алта банка АД Битола ги завршила првите девет месеци од 2026 година со загуба од околу 791 илјада евра. Во истиот период лани имала добивка од околу 799 илјади евра, е наведено во документот за билансот на успех, со што за една година, резултатот се влошил за приближно 1,6 милиони евра. Споредбата со минатата година се однесува на дел од годината во кој оваа банка се викаше Стопанска банка Битола и беше во сопственост на неколку македонски фирми меѓу кои „Пелистерка“ и „Тимох“. Продажбата се случи во септември 2025 кога Алта Банка Белград ја презеде во целост.
Според билансот на состојба, на 30 септември 2026 година АЛТА банка Битола имала околу 144,80 милиони евра депозити од клиенти, граѓани, компании и други небанкарски клиенти. На крајот од 2025 година тие изнесувале околу 146,19 милиони евра, што значи намалување за 1,39 милиони евра, или околу 1%, во првите девет месеци.
Банката го објаснува негативниот резултат со вложувања во вработени, деловна инфраструктура и развој. Во извештајот е наведено дека очекувала тие вложувања да донесат подобри резултати во иднина. Но, до крајот на септември тие очекувања сè уште не се гледаат во заработката.






