„Република Словачка е против какви било двојни стандарди во пристапувањето кон Европската Унија. Не можеме да прифатиме европска интеграција заснована на европски стандарди да има различни критериуми за различни држави“.
Вака истакна словачкиот министер за надворешни и европски работи Јурај Бланар при својата официјална посета на Македонија. Бланар со својот македонски колега ја повтори силната поддршка на Братислава за европскиот пат на Македонија и нагласи дека Европската Унија мора да испрати јасен сигнал до земјите од Западен Балкан дека членството е реална перспектива.
Словачкиот министер ја посочи нашата земја како успешен пример во имплементацијата на Планот за раст, нагласувајќи ја важноста од конкретни резултати и јасна европска перспектива за регионот.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски ја истакна важноста на принципиелната поддршка од Словачка. Тој ја потврди посветеноста на Владата на Реформската агенда. – Нашето очекување е јасно: процесот на европска интеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените критериуми и стандарди – истакна Муцунски.
Главен фокус на разговорите беше ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на словачката поддршка на нашиот процес на европска интеграција, истакна Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија по средбата на министрите.
„На средбата беше заеднички оценето дека односите меѓу двете земји се на високо ниво, при што беше изразен особен интерес за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции“.
Во разговорот на министрите посебно внимание било посветено и на трговијата и директните инвестиции, како и на можностите за натамошно јакнење на соработката во образованието и културата.
Министерот Муцунски изрази благодарност за активниот ангажман на Словачка во поддршка на регионалната безбедност, економскиот развој и забрзувањето на европската интеграција.






