Бране Петрушевски, пратеникот и заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет кажа дека Буџетот не е статичен документ и дека истиот мора да одговори на реалните околности особено кога економските услови и очекувањата за негово извршување се менуваат, додека како што вели Петрушевски: „Одговорното управување подразбира навремено приспособување на приходите и расходите, зачувување на приоритетите и редовно исполнување на обврските кон граѓаните“.
Петрушевски кажа дека: „Со предложениот ребаланс, вкупните приходи на Буџетот се намалуваат од 379,5 на 374,2 милијарди денари, додека вкупните расходи се намалуваат од 425,8 на 420,5 милијарди денари, тоа е намалување од приближно 5,3 милијарди денари и на приходната и на расходната страна, а буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ“, односно дека со ребалансот не се планира дополнително зголемување на дефицитот.
Пратеникот Петрушевски објасни дека со ребалансот се намалуваат капиталните расходи и дека при планирањето на истите се земени предвид реалната динамика на проектите и времето што преостанува до крајот на фискалната година на тој начин што планираните средства се усогласени со реалните можности за нивното извршување.
„Со ребалансот капиталните расходи се намалуваат за околу 5,8 милијарди денари. При планирањето на расходите се земени предвид реалната динамика на проектите и времето што преостанува до крајот на фискалната година. Ни останува помалку од два месеци, па затоа планираните средства се усогласени со реалните можности за нивното извршување“ рече Петрушевски и додаде:
„Целта на овој буџет е да биде реален, а средствата да се планираат во согласност со очекуваната динамика за реализација. Важно е да се следи извршувањето и да се обезбеди продолжување на приоритетните проекти“.
Петрушевски потсети дека паралелно се одвива голем инвестициски циклус на целата територија на Македонија како што се шесте автопатски делници, двете гасоводни интерконекции, прекугранична електроенергетска инфраструктура, железничка инфраструктура, кои проекти се важни од аспект на поврзаноста, енергетската сигурност и конкурентноста на економијата.
„Суштината на овој ребаланс е јасна: да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови да продолжи економскиот раст“, кажа Петрушевски.
Петрушевски на крај рече: „ Нашата обврска не е само да изгласаме буџет или ребаланс. Нашата обврска е да обезбедиме јавните пари да се трошат одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Секој денар од Буџетот мора да има јасна цел и оправдување. Овој ребаланс е избор на одговорност пред популизам, стабилност пред финансиска неизвесност и конкретни резултати пред празни ветувања“.






