Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на приливите од странство што ги оствариле резидентите на Македонија во текот на 2021 година. Од институцијата информираат дека постапката се спроведува врз основа на податоци добиени од банките.
УЈП веќе доставила известувања до физичките лица кои во 2021 година имале приливи од странство, со цел да се проверат остварените приходи и нивниот даночен третман.
Слична постапка беше спроведена и минатата година за приходи остварени во 2020 година, што предизвика силни реакции во јавноста. Тогаш беа опфатени околу 9.000 граѓани, а по спроведените проверки биле наплатени приближно 2,8 милиони евра.






