Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, на покана на Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамки на Министерството за правда на САД, учествува на Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP 2026), која се одржува во Орландо, Флорида.
На конференцијата, која обединува повеќе од 16.000 професионалци од областа на јавната безбедност и претставници од над 90 држави, се разменуваат искуства и добри практики за справување со современите безбедносни предизвици, со посебен акцент на организираниот криминал, трговијата со дрога, финансискиот криминал, сајберзаканите и тероризмот.
Присуството на директорот Јанев на конференцијата е во насока на зајакнување на меѓународната соработка, градење меѓусебна доверба и унапредување на размената на информации, како клучни предуслови за ефикасна борба против криминалот кој не познава граници.
Учеството на овој значаен меѓународен настан претставува потврда за посветеноста на македонската полиција кон зајакнување на меѓународните партнерства, унапредување на професионалните и технолошките капацитети и обезбедување поголема сигурност за граѓаните.






