Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон Бугарија, обвинувајќи ја дека го користи членството во Европската Унија за да го блокира македонскиот евроинтеграциски процес и да наметнува прашања поврзани со македонската историја и идентитет. Во обраќањето по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, тој предупреди и на можни провокации, дејствување на разни служби и обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите на соседните земји.
Мицкоски оцени дека Бугарија почнала да ги користи европските механизми против Македонија дури откако станала членка на ЕУ, посочувајќи дека претходно не ги отворала прашањата што денес ги поставува како услов, објави 4news.mk
„Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека истото се однесува и на историските личности, за кои, според него, Софија почнала да поставува барања по зачленувањето во Унијата.
„Ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се луѓето коишто денеска според нив се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат“, рече премиерот.
Во продолжение, Мицкоски испрати порака и до оние што, како што рече, се обидуваат со вето да ја менуваат македонската историја.
„А оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“, порача Мицкоски.
Предупредување за дејствување на служби и можни провокации
Премиерот во своето обраќање се осврна и на безбедносната состојба во регионот, предупредувајќи дека политичките и општествените тензии во соседството можат да се прелеат и во Македонија.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат“, изјави Мицкоски.
Тој предупреди дека не ја исклучува можноста за обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите на други држави.
„И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, рече премиерот.
Мицкоски упати обвинувања и кон дел од домашната опозиција, тврдејќи дека постојат политички актери кои би можеле да учествуваат во такви сценарија.
„А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават“, изјави тој.
Премиерот не посочи конкретни служби, држави или лица што би стоеле зад евентуалните провокации, ниту изнесе докази за ваквите сомневања.
Тој нагласи дека нема да дозволи Македонија да биде вовлечена во дестабилизирачки сценарија и повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и на, како што ги нарече, вештачки наметнати и хиперболизирани етнички прашања.
„Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, порача Мицкоски.
И покрај критиките кон Бугарија и предупредувањата за можни притисоци, премиерот нагласи дека Македонија не треба да се откаже од европските интеграции. Според него, токму примерот со Бугарија покажува колку е важно земјата да стане дел од ЕУ и рамноправно да учествува во носењето на одлуките.
„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, изјави Мицкоски.
Тој порача дека ќе продолжи да води, како што ја нарече, промакедонска политика, додавајќи дека не постои цена што би го поколебала да се откаже од неа.






