Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, побара поголемо учество на младите во носењето одлуки на локално ниво, преку активни младински совети, достапни младински центри и директна комуникација со институциите. Тој порача дека општините треба да создадат услови младите да влијаат врз политиките што ги засегаат.
На регионалниот форум за локално лидерство за млади, мир и безбедност, што се одржа денеска во Скопје, Ѓорѓиевски истакна дека локалните власти имаат одговорност да ги вклучат младите во процесите на одлучување.
„Нивните идеи, потреби и предизвици мора да бидат дел од политиките што ги создаваме, затоа што тие најдобро знаат со какви пречки се соочуваат и какви промени очекуваат во своите средини“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите кои се соочуваат со сиромаштија, социјална исклученост и нееднакви можности.
Како градоначалник на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски ја истакна важноста на соработката меѓу локалните самоуправи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет на Македонија.
Според него, Мрежата на службеници за млади треба да придонесе за подобра комуникација меѓу младите и институциите, како и за полесно реализирање на младинските иницијативи.
На форумот учествуваа и министерот Ѓоко Велковски, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, постојаниот координатор на ОН Рита Колумбија, директорот на НАЛАС Келменд Заза, како и градоначалници и претставници на локалните власти од земјата и регионот.
Во рамките на настанот беа истакнати практиките на пет наградени општини од регионот за вклучување на младите во создавањето побезбедни и поинклузивни заедници.
Ѓорѓиевски порача дека Град Скопје и ЗЕЛС ќе продолжат да ја поддржуваат соработката со домашните и меѓународните партнери за поголемо младинско учество во локалните политики.






