Либерално-демократската партија (ЛДП) го обвини вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски дека ја манипулира јавноста со тврдењата дека Владата гради шест автопати. Од партијата велат дека станува збор за одделни делници од два постојни патни коридора, а не за шест различни автопати.
„Парче пат од 10 или 20 километри од село до село не е посебен автопат, туку само уште една распарчена делница од истите два коридора што се градат со децении“, наведуваат од ЛДП.
Според партијата, Николоски ги претставува градежните активности на Коридор 8 и Коридор 10д како шест одделни инфраструктурни проекти, со што, како што оценуваат, се создава погрешна претстава за обемот на изградбата.
„Исто како што една зграда со пет влеза не се пет различни згради, така и распарчените траси на Коридор 8 и Коридор 10д не се шест различни автопати“, посочуваат од ЛДП.
Партијата го критикува министерот и за повторените најави за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Дубаи, која, како што наведуваат, досега повеќепати била претставувана како значаен успех, но сè уште не е воспоставена.
Од ЛДП го отвораат и прашањето за конкуренцијата во авиопревозот, обвинувајќи ја Владата дека со државните субвенции придонесува за создавање монополска положба на пазарот, спротивно на претходните ветувања за поголема конкуренција.
„Наместо да продава магла за глобални проекти, подобро да го среди скандалот со монополот во авиопревозот што оваа власт го создаде со пари од џебот на граѓаните“, наведуваат од партијата.
ЛДП смeта дека Владата треба да се насочи кон завршување на започнатите инфраструктурни проекти и обезбедување функционален транспортен систем, наместо кон, како што велат, претерано претставување на резултатите.
„Опстанокот на Македонија не зависи од вашите грандиозни ПР-бајки за шест автопати, туку од чесно, функционално и одговорно управување“, порачуваат од ЛДП.






