Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, вечерва прогласи убедлива победа на кандидатот на партијата, Стојанче Радичевски, на првиот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. Мицкоски оцени дека разликата во однос на кандидатот на СДСМ е поголема од четири спрема еден.
„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва и има огромна победа во првиот круг на изборите за избор на градоначалник во Општина Брвеница. Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство на гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДС е поголема од 4 спрема 1“, изјави Мицкоски.
Тој направи споредба со повторените избори за градоначалник на Маврово и Ростуше, каде што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ победила со разлика поголема од два спрема еден.
Мицкоски се осврна и на претходните најави од раководството на СДСМ за убедлива победа во Брвеница, оценувајќи дека резултатот претставува порака од граѓаните до опозициската партија.
„Иако само пред неколку дена раководството на СДС најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДС е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство“, рече тој.
Мицкоски очекува втор круг
И покрај прогласената победа, Мицкоски оцени дека поради повеќето кандидати во изборната трка е многу веројатно да има втор круг.
Според анализите на ВМРО-ДПМНЕ што ги презентираше, Радичевски освоил околу 3.000 гласа, кандидатот на ДУИ е втор со нешто повеќе од 2.100 гласа, по него е кандидатот на Вреди, додека четврти е кандидатот на СДСМ. Независниот кандидат поддржан од Левица, според Мицкоски, освоил околу 50 гласа.
„Од волјата на народот нема бегање и тој е неприкосновен судија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој им се заблагодари на граѓаните што го оствариле правото на глас, како и на сите што биле вклучени во организацијата и спроведувањето на изборниот процес.
„Демократијата подразбира натпревар на различни идеи, програми и кандидати. Но, кога ќе заврши гласањето, останува една обврска која важи за сите: да се почитува волјата на граѓаните“, рече Мицкоски.
„Резултатот е потврда за политиката на Владата“
Според Мицкоски, изборниот резултат во Брвеница има и пошироко политичко значење и претставува потврда дека граѓаните ја поддржуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Владата.
„Политиката на конкретни проекти, на исполнување на ветувањата и на преземање одговорност за преземените обврски“, рече Мицкоски, додавајќи дека освоената доверба е поттик за партијата да продолжи со работа.
Тој призна дека граѓаните имаат големи очекувања и дека сè уште има проблеми што треба да се решат, поради што најави продолжување на инвестициите во општините.
„Владата ќе продолжи да вложува во развојот на општините. Во патишта, водоводи, училишта, комунална инфраструктура и во создавање подобри услови за живот. Тоа важи и, се разбира, за Брвеница“, истакна премиерот.
Мицкоски порача дека вложувањата во Брвеница ќе продолжат со јасни приоритети и поголема одговорност.
Повик за поддршка пред вториот круг
Мицкоски изрази почит и кон останатите кандидати што учествуваа на изборите, нагласувајќи дека секој од нив имал можност да ја претстави својата визија за општината.
Тој посочи дека Брвеница е дом на граѓани со различна национална, верска и политичка припадност и дека идниот градоначалник треба да работи за сите.
„Независно од исходот на политичкиот натпревар, најважната обврска на идниот градоначалник ќе биде да работи за сите“, рече Мицкоски.
Пред вториот круг, закажан за 1 ноември, тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара поддршка од сите граѓани на Брвеница, со акцент на нови инвестиции, подобра инфраструктура, решавање на комуналните проблеми и создавање повеќе можности за младите.
„Победата е огромна, но и нашите обврски за оваа општина се огромни. Со конкретни проекти. Со одговорност. Со почит кон секој човек. За една Брвеница за сите“, порача Мицкоски, завршувајќи го обраќањето со повикот: „Одиме на вкупна победа!“






