Мрежата за заштита од дискриминација упати отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, барајќи одговор дали е запознаена со политичките позиции и активностите на меѓународните организации поврзани со здружението „Јас сум жена“, чии претставнички ги примила на средба на 6 октомври.
Во реакцијата, Мрежата изразува загриженост поради врските на здружението со меѓународни организации кои, според неа, се залагаат за ограничување на репродуктивните права на жените, особено на правото на абортус.
Од Мрежата посочуваат дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, и Рејчел Скот. Во октомври 2025 година, во Охрид била промовирана и иницијативата „Мајки за Македонија“, како дел од оваа меѓународна мрежа.
Според Мрежата за заштита од дискриминација, „Мајки за Америка“ отворено се противи на правото на абортус, а нејзиното политичко крило учествува во политички процеси и ги оценува кандидатите според нивните ставови за ова прашање.
„Економската независност на жените е важна. Но економското јакнење не може да биде параван зад кој ќе останат невидливи политичките и вредносните позиции на мрежите со кои една организација е поврзана“, се наведува во отвореното писмо.
Мрежата оценува дека ваквите организации често настапуваат преку теми како женско лидерство, претприемништво, мајчинство и економско јакнење, со што градат партнерства и добиваат пристап до институции, компании и други јавни платформи.
Поради тоа, упатува апел до бизнис-асоцијациите, компаниите, технолошките и стартап-заедниците, донаторите и медиумите да ги проверат меѓународните врски и вредносните позиции на организациите со кои соработуваат.
Во писмото, Мрежата ѝ поставува на претседателката три прашања: дали е запознаена со улогата на претставничките на „Јас сум жена“ во основањето на „Мајки за слобода“, дали знае за активностите на „Мајки за Америка“ поврзани со укинувањето на федералната заштита на правото на абортус во САД и дали економското јакнење на жените, според претседателската институција, го подразбира и правото на самостојно одлучување за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје.
„Економската независност без телесна автономија не е целосна еманципација. Мајчинството без избор не е слобода. А правата на жените не се за преговарање“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од организацијата нагласуваат дека нивната реакција не е повик за замолчување на која било организација, туку барање за транспарентност во однос на нејзините ставови, партнерства и вредности.






