Одложувањето на вакцинацијата со БеСеЖе е превентивно, а инфекции на коските кај деца се исклучително ретки појави од вакцината – Македонија е со ниска стапка на туберколоза, па оттука нема простор за паника – велат лекарите…
Од клиниката за респираторни заболувања кај деца КОЗЛЕ велат дека во последниве две децении немале случај на остеомиелит како резултат на вакцина.
Д-р Катерина Бошковска – Директорка на УК за респираторни заболувања кај деца КОЗЛЕ: „Не значи дека секое дете што ја примило вакцината ќе развие било каква реакција, остеомиелитот се манифестира како доцна реакција нескана, треба да обрнат внимание на некаков оток или болка најчесто на долгите коски, на рацете и нозете,може да се јави на ребрата и на стопалата, оваа реакција има широк дијапазон од неколку месеци, три четири месеци па до две и повеќе години но најчесто се јавува помеѓу 12 и 16 месеци од примената БеСеЖе вакцина“.
За бебињата кај кои БеСеЖе вакцинацијата е одложена, лекарите велат дека родителите треба да ги следат препораките на здравствените власти за надополнување на вакцинацијата и да не се загрижуваат, бидејќи одложувањето е превентивна мерка.
Д-р Катерина Бошковска – Директорка на УК за респираторни заболувања кај деца КОЗЛЕ: „Со тоа што ќе биде одложена на неколку дена па нека биде и месеци нема простор за загриженост- Македонија е земја со ниска стапка на инциденца на туберколоза, во нашата земја имаме отприлика околу десеттина случаи на 100.000 жители годишно“.
Министерството за здравство најави дека веќе во тек е набавка на вакцини од друг поризводител од Јапонија, а двете серии на бугарската – БСЖ вакцина за кои се вршат дополнителни анализи целосно биле искористени до летото оваа година и досега немало пријавени несакани ефекти.
Здравствените власти привремено ја стопираа вакцината со БеСеЖе откако истото го направи и Хрватска поради регистрирани 4 случаи на остеомиелити кај деца, кои се поврзуваат со вакцината од истиот производител што се користи и кај нас.






