Се уште не е на повидок разврска во случајот со специјализантот доктор Дарко Василевски. Тоој веќе шести ден штрајкува со глад пред Деканатот на Медцинскиот факултет во Скопје. Незадоволен од исходот на последниот оглас за вработување на двајца доктори по медицина на неопределно време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија , Василевски се жалеше на дискриминација.
“Денеска е шести ден откако го почнав својот штрајк со глад. Засега е добро, иако веќе почнав да чувствувам први знаци на замор и изнемоштеност, но не толку страшно или критично. Можеби причината за тоа е и што слабо спиев. Засега и здравствено, се држам, колегите – пријатели ми прават контрола, со нив постојано сум во комуникација и засега некаква тегоба како последица од штрајукувањето досега“, вели Василевски во кусиот видео-разговор за „Фокус“ на локацијата на која се наоѓа речиси една седмица.
Веќе е наместен и шатор во кој престојува и како што вели останува до крај на ова место, иако досега ни9кој официјално не го контактирал да поразгова за причините и мотивите за кои се одлучил на ваков радикален чекор. Ниту од деканатот, ниту од некоја друга институција.
Василевски, претходно јавно ѝ одговори на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, откако таа објави став за неговиот случај и информации добиени од Деканатот. Тој наведува дека жали што Асоцијацијата не го контактирала и него пред да го објави својот став и оспорува дел од информациите што биле објавени.
„Не постои ПЗУ ‘Медикус Хелп’ каде што јас сум бил вработен. Сè уште немам 46 години“, напиша Василевски.
Тој се осврна и на наводите за неговата приватна специјализација. Асоцијацијата претходно соопшти дека специјализацијата била финансирана од неговиот тогашен работодавач, а по престанувањето на работниот однос престанало и финансирањето. Во објавата беше наведено и дека специјализацијата во септември 2026 година му била прекината поради незавршување во рокот предвиден со Правилникот.
Василевски вели дека причините поради кои не ја платил навреме специјализацијата биле финансиски, но дека обврските сега се целосно подмирени.
„Во однос на специјализацијата, точно е дека од финансиски причини не бев во можност да ја платам навреме. Но, сега е целосно подмирена и дадени ми се насоки од Деканатот како понатаму согласно важечките правила и прописи“, напиша тој.
Василевски побара од Асоцијацијата да објасни и врз која правна основа објавила информации за финансирањето на неговата специјализација.
„По кој закон, член и став изнесувате податоци за финансирањето на мојата специјализација и дали знаете каков договор имало помеѓу мене и правниот субјект кој непотребно го напоменувате?“, праша Василевски.






