домаМакедонијаШто се очекува од средбата на двајцата шефови на дипломатиите во Софија...

Што се очекува од средбата на двајцата шефови на дипломатиите во Софија – дали и овојпат ќе биде потребен „силен чекан“ од Брисел за да се решат несогласувањата

- Advertisement -spot_img

Министрите за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија потврдија дека во четврток ќе имаат можност да одржат средба во рамките на еден форум. Главна тема ќе биде дијалогот и деблокирањето на патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Средбата доаѓа како дополнителна можност побарана од официјален Брисел и се очекува јасно да покаже дали и понатаму ќе има застој меѓу двете земји или конечно официјални Скопје и Софија ќе седнат на маса за да најдат решение, пишува „Zhurnal.mk“.

Шефовите на дипломатиите се договорија за средбата во Софија

Министрите за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија, Велислава Петрова и Тимчо Муцунски, ќе имаат можност да одржат средба во рамките на форумот во четврток.

На 8 октомври во Софија ќе се одржи меѓународна министерска конференција за Коридорот 8, организирана од министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова. Во рамките на форумот, на кој ќе учествува и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, ќе има можност за одржување билатерална средба, која е дел од редовниот дијалог меѓу двете земји.

Претседателката на ЕК ја советуваше Мицкоски да му даде шанса на дијалогот

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје го советуваше премиерот Христијан Мицкоски на претстојната средба во Софија да се одржи билатерална средба со шефот на бугарската дипломатија, со цел да се направи обид Северна Македонија повторно да се врати на вистинскиот пат кон преговорите со ЕУ.

Од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија беше испратена официјална нота, а средбата ќе се одржи во четврток.

Средбата во Софија има за цел да го деблокира процесот на интеграција

Од билатералната средба во Софија меѓу министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, се очекува да се направи обид за деблокирање на заглавениот процес на европската интеграција на Скопје.

Северна Македонија ја гледа оваа средба како прв чекор за придвижување на евроинтегративниот процес од мртва точка. Сепак, министерот Муцунски претходно изјави дека, иако се отворени за дијалог, во моментов не постојат услови за уставни измени, односно за внесување на Бугарите во Уставот, без појасна предвидливост и вклученост на Европската Унија.

Од друга страна, бугарската претседателка Илијана Јотова и бугарското Министерство за надворешни работи изразија умерена подготвеност за разговори. Сепак, официјална Софија инсистира Скопје безусловно да ги исполни преземените обврски од европската преговарачка рамка од 2022 година и нема да прифати отстапувања од европските политики или ултиматуми.

И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не очекува ништо од средбата во Софија меѓу министрите за надворешни работи, оценувајќи дека досега требало да се одржат најмалку десет средби и оти Владата користи сè што прави како оправдување.

Ако нема „силен чекан“ од ЕУ, шансите за успех се мали

Европската Унија досега врши континуиран, јасен и институционален притисок, но без агресивен дипломатски пристап. Во моментов, ЕУ јасно укажува дека уставните измени се непреговарачки услов за отворање на првите поглавја од преговорите, односно внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, но во Скопје нема „уво“ што ги слуша овие дипломатски пораки.

Исто така, официјален Брисел уште еднаш потврди дека европскиот пат на Северна Македонија не го загрозува ниту нејзиниот идентитет, ниту јазикот.

За време на нејзината посета на Скопје на 2 октомври 2026 година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повторно му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека на земјата ѝ останува само еден последен критичен чекор за официјално отворање на преговорите – промена на Уставот.

Овој став беше потврден и од новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која изјави дека официјално Скопје треба да ги исполни преземените обврски без дополнителни одложувања.

Бидејќи Албанија веќе напредуваше со отворањето на првите поглавја од преговорите, Брисел ја користи оваа динамика како еден вид индиректен притисок врз Скопје. Сепак, Северна Македонија ризикува да заостане на новиот „патоказ“ на проширувањето и постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ доколку во наредниот период не го реши спорот со Софија.

Актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ побара Брисел да се вклучи како гарант или посредник за да се избегнат нови условувања од Бугарија во иднина. Фон дер Лајен избра пофлексибилен пристап, советувајќи го Мицкоски да започне директен билатерален дијалог со Софија.

Во моментов, Брисел не поставува ултиматум со кратки рокови, но ја држи вратата кон интеграцијата затворена: средствата од Планот за раст и напредокот кон членството се тесно поврзани со уставните измени.

Притисокот е голем бидејќи Северна Македонија губи време и ризикува политички да се изолира во регионот, што не е во интерес ниту на земјата, ниту на граѓаните на Северна Македонија.

Дипломатската практика на Балканот, но и во Северна Македонија, покажала дека само силниот дипломатски притисок може да ги придвижи процесите. Доколку Брисел продолжи со благата политика кон двете страни, Северна Македонија и понатаму ќе остане далеку од патот кон интеграцијата.

За жал, ваквата ситуација им одговара само на одредени политичари на кои членството во ЕУ им ги нарушува бизнисите и нивните планови, пишува „Zhurnal.mk“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img