домаМакедонијаФехми Стафа: „Признав за да излезам од ќелијата, никогаш не сум му...

Фехми Стафа: „Признав за да излезам од ќелијата, никогаш не сум му дал пари на Ристов“

- Advertisement -spot_img

Соочување со тврдењето дека признал вина за дело кое, како што самиот рече, не го сторил, предизвика низа прашања во судницата на продолжението на судењето за апелацискиот судија Ѓоко Ристов, на кое сведочеше адвокатот Фехми Стафа, осуден на 15 месеци затвор за примање награда со намера да влијае врз обвинетиот судија. Сведокот Стафа, кој на судењето беше доведен од затворот „Шутка“, категорично негираше дека на Ристов му дал пари.

„Во ниту еден предмет не сум му дал пари на Ѓоко. Го признав делото затоа што ја одбрав најблагата казна. Не сакав и мене да ми се случи тоа што му се случи на Ѓоко Ристов“, кажа Стафа и предизвика рекации во судницата.

Тој тврдеше дека признанието на вина го дал под притисок и страв за сопствената безбедност. Според неговото сведочење, истражители му се заканувале при лишувањето од слобода, а тој подоцна поднел претставка до внатрешната контрола. „Ме уценуваа и ми се закануваа. Ми велеа: ако сакаш да се спасиш, прифати дека овие 20 илјади евра требало да завршат кај Ѓоко Ристов“, тврдеше Стафа. Пред судот тој кажа и дека бил повикуван од обвинителката Искра Хаџи Василева и дека наводно му било кажано дека парите треба да завршат кај Ристов. Стафа рече дека не верувал дека обвинител може да бара такво нешто.Сведокот тврдеше дека парите за кои бил обвинет не биле поткуп, туку адвокатска награда и тоа го повтори повеќепати пред Судот. Во сведочењето го спомена и износот од 30.000 евра, за кој тврдеше дека бил даден на заем од сестрата на Љупчо Пецов, а не како поткуп.

„Тие 30 илјади евра се дадени на заем. Имам и писмен доказ. Сестрата на Ѓаволот ми ги дава на заем, а во ОЈО ГОКК се наводен поткуп. Ова му било познато на обвинителството“, рече Стафа. За 100.000 евра, за кои обвинителството тврди дека биле поврзани со влијание врз судијата Ристов. Стафа негираше дека парите биле барани за таа цел. „Не е точно дека парите требало да завршат кај судија. Во разговорите сме коментирале имиња на судии кој треба да одлучи, а не дека парите треба да завршат кај нив“, рече тој. Пред судот го оспори и тврдењето дека имал намера да влијае врз Ристов за да биде укинат притворот на Пецов и тој да биде пуштен во куќен притвор со гаранција. Според него, во моментот кога бил лишен од слобода, веќе постоела одлука со која било одбиено барањето за укинување на притворот.

„На 2 декември имаше одлука дека не може да излезе од притвор. Јас бев лишен од слобода на 13 декември. Пецов знаеше за таа одлука. Каде е логиката утредента мене да ме лишат од слобода дека сум вршел поткуп за замена на притворот со куќен, кога 11 дена претходно имаше негативна одлука?“, праша Стафа. Како дополнителен аргумент, тој ја посочи подоцнежната постапка на обвинителството. „По моето лишување обвинителката Наташа Поп-Трајкова предлага да се укине притворот и да се замени со куќен притвор. Ако моето барање било незаконито, зошто обвинителката предлага укинување?“, рече Стафа. Во текот на сведочењето тој беше прашан и за видео-снимките на кои се гледа дека доаѓа во Апелацискиот суд и оди во канцеларијата на Ристов. Сведокот негираше дека се среќавал со судијата, но тврдеше дека тоа било многу поретко отколку со други судии и дека средбите биле поврзани со правни консултации. На прашањето зошто токму Ристов е издвоен во предметот, Стафа одговори:

„Ви тврдам дека апсолутно Ѓоко најмалку е виновен за овој предмет. Да беше точна теоријата на обвинителството, тој ќе го укинеше притворот, а не ќе го одбиеше. Во Апелација не одлучува поединец судија. А зошто само Ѓоко да биде предмет на обвинувања, треба тие да кажат.“

Во вкрстеното испрашување, обвинителката Искра Хаџи Василева го соочи Стафа со неговото претходно признание на вина и со содржината на пресудата. Таа го праша дали е точно дека целосно свесно побарал да се спогоди со обвинителството, знаејќи ги последиците. Стафа одговори дека признанието било свесен избор, но избор меѓу две зла. „Признав за да можам да излезам од таа ќелија. Од две штети ја одбрав помалата. Ништо не е точно од содржината што е напишано. Морав да одберам од двете штети поблагата“, рече тој. Обвинителката, пак, инсистираше дека Стафа не бил обвинет дека му дал поткуп на Ристов, туку дека бил обвинет за примање награда со намера да влијае врз судија. Таа го соочи и со доказниот материјал од предметот, вклучително и разговорите со Љупчо Пецов. (П.А.)

Ќе се анализира кредибилитет на сведокот, одбраната бара одговори за доказите

Осврнувајќи се на исказот на Стафа, обвинителката Хаџи Василева по завршување на судењето изјави дека кредибилитетот на сведокот ќе биде предмет на понатамошна оцена.

–Ова е сведок кој е обвинет и веќе правосилно осуден во постапка што е директно поврзана токму со овој предмет и со судењето против овде обвинетиот – изјави Хаџи Василева. Во однос на улогата на Љупчо Пецов во постапката, обвинителката посочи дека пријавувањето на корупција треба да се охрабрува.

– Љупчо Пецов Ѓаволот, во оваа ситуација и во овој предмет, беше соработник и сведок кој пријавил криминал, се одважил да го пријави. Во таа смисла, и тогаш и сега, сакам повторно да упатам порака дека пријавувањето кривични дела, особено корупција, е нешто што силно го охрабрувам. Од друга страна, адвокатот Давидовиќ оцени дека исказот на Стафа отвора дилеми околу доказите во предметот.

– Тие материјални докази никаде не се прикажани. Мораме да ѝ веруваме на збор на обвинителката, како што ѝ веруваме и во овој предмет дека постојат коруптивни дејствија, но во ниту еден предмет не е прикажано каде е примен поткупот за судијата Ѓоко Ристов. Ќе мораме да ѝ веруваме на збор, бидејќи ниту во тој предмет тие докази не беа изведени – изјави Давидовиќ и додаде дека одбраната не го брани кривичното дело, туку инсистира на почитување на законските права на сите учесници во постапката.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img