Во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, првиот вицепремиер Беким Сали истакна дека до крајот на 2028 Македонија ќе исполни околу 135 точки од Реформската агенда за членство во ЕУ, потсетувајќи дека и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје ја поздрави посветеноста на Владата за реализирање на реформите.
„И г-ѓа фон дер Лејен исто така, јавно, пред нашата јавност призна дека оваа влада, во оваа формација ја поттикна многу брзо и многу успешно ја реализира реформската агенда, бидејќи исполнивме многу услови, навреме и правилно направивме многу законски прилагодувања. Како резултат на тоа, досега повлековме 142 милиони евра од Европската комисија“, нагласи Сали.
Тој додаде дека сега се очекува одобрување на новата, трета транша, од која земјата очекува околу 120 милиони евра дополнителни средства од ЕУ, што ќе зависи од оценката на Европската комисија колку точки ќе бидат исполнети.
„Излегува дека ние, домашните задачи што сме ги прифатиле, за кои имаме потпишани договори со Европската комисија – ние ги исполнуваме нашите задачи“, рече Сали, додавајќи дека билатералниот дел е отворено прашање меѓу Македонија и Бугарија.
„Кога сме кај оваа точка – јас тоа сум го кажал уште од почетокот на мојот мандат – технички, ние немаме никаков проблем како влада, како држава, да го одобриме тоа барање. Технички – начинот на неговата реализација, уставните измени и така натаму. Можеме исто така да обезбедиме двотретинско мнозинство и јавноста може да ја прифати промената на Уставот. Меѓутоа, она што е потребно за нашата јавност, за нашиот народ, за доброто на самата држава и нејзиното функционирање, е транспарентност во билатералните барања“, нагласи вицепремиерот Сали во неговото гостување во „Клик Плус“ на ТВ21.






