домаМакедонијаОвците умираат, субвенциите за кравите доцнат, пиперките и грозјето скапуваат, а народот...

Овците умираат, субвенциите за кравите доцнат, пиперките и грозјето скапуваат, а народот е гладен

- Advertisement -spot_img

Земјоделците в среда излегуваат на протест во Пелагонија поради незадоволството од состојбите во аграрот. Овците пцовисуваат, доцнат субвенциите за кравите, пиперките и грозјето скапуваат, а граѓаните плаќаат сè поскапа храна. Земјоделците бараат навремена исплата на субвенциите, повисоки откупни цени и сигурен пласман на производите. Сточарите дополнително реагираат на падот на цената на млекото, доцнењето на премиите и загубите предизвикани од болеста кај овците.

Земјоделците го креваат својот глас и в среда, на 30 септември, излегуваат на протест во Пелагонија. Се очекува масовно присуство на земјоделци од сите краеви на државата, кои ќе го изразат незадоволството од состојбите во македонскиот аграр. Неисплатените субвенции, ниските откупни цени, немањето сигурен откуп, нерегулираниот пазар и високите производствени трошоци се само дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците. Велат дека се очајни, бидејќи и покрај вложениот труд и средства, не можат да ги покријат трошоците и да остварат заработка. Дополнително, реагираат на трговските практики за кои сметаат дека овозможуваат профит на туѓ грб, додека домашните производители едвај врзуваат крај со крај.

– Го уништивме домашното производство на храна и станавме зависни од увоз. Стравуваме дека ќе запре и увозот, бидејќи на светско ниво има недостиг на храна. Намалени се приносите на сите житарки, оризот, сончогледот, кафето, какаото, шеќерната репа… Ние имаме услови и сите можат да живеат од земјоделството – и земјоделците, и сточарите, и откупувачите, и трговците, а да има доволно храна и за граѓаните. Но, ништо не успеавме да искористиме и се потпревме на увоз, а ќе нема ни од каде да се увезе – изјави земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров, за весникот ВЕЧЕР.
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, вели дека земјоделците работат без соодветна заработка, додека, според него, најголемиот дел од профитот останува кај трговците.

– Има многу нерешени проблеми во земјоделството. Не се само субвенциите туку и ниските откупни цени, немањето сигурен откуп, нерегулираниот пазар и високите производствени трошоци. Пораката што сакаме да ја испратиме со протестот е дека земјоделците веќе нема да работат за џабе и нема да молчат и да трпат. Ако овој протест не наиде на слух кај надлежните институции, ќе се организираме политички – изјави Каракашев за ВЕЧЕР.

Тешка е состојбата и во сточарството. Сточарите се соочуваат со зголемени трошоци, проблеми со угинување на овците и доцнење на субвенциите, што дополнително го загрозува опстанокот на нивните фарми. Земјоделците реагираат и на зголемениот увоз на земјоделски производи што можат да се произведуваат и во земјава. Според нив, домашното производство не добива соодветна поддршка, а увозните производи заземаат сè поголем дел од пазарот.

Преку протестот во Пелагонија, земјоделците ќе побараат конкретни решенија, навремена исплата на субвенциите, сигурен откуп и реални откупни цени. Порачуваат дека без исплатливо производство и соодветна поддршка, опстанокот на македонскиот аграр е доведен во прашање.

Сточарите реагираат дека сè уште не им е исплатена премијата за предаденото млеко за периодот од јули 2025 година, а незадоволни се и од падот на откупната цена. Според нив, за само една година, цената на млекото е намалена од околу 33 на 23 денари за литар, што дополнително ја отежнува нивната работа и ја доведува во прашање исплатливоста на производството.

Од Здружението „Пелагониско Поле“ бараат земјоделците да бидат вклучени во креирањето на Програмата за финансиска поддршка за 2027 година, како и да се зголеми поддршката за сточарите. Нивното барање е субвенцијата да изнесува 250 евра по крава, наместо сегашните 8.000 денари по грло.

Според достапните податоци, обврските за неисплатени премии за млеко за 2025 година изнесуваат околу 600 милиони денари, а за првите месеци од 2026 година дополнителни 500 милиони денари. Последната исплата на премијата била во март, кога на 4.545 производители им биле исплатени 270 милиони денари за периодот од јануари до јуни 2025 година.

Од друга страна, субвенциите по грло добиток за 2025 година се исплатени. На крајот на август, на 4.284 одгледувачи на говеда им биле исплатени вкупно 372 милиони денари, односно по 8.000 денари за грло.

– Околу 80 отсто од одгледувачите на крупен добиток не добиле субвенции за предадено теле во кланичен капацитет. Кланиците го откупуваат месото по околу 170 денари за килограм, додека во месарниците и маркетите се продава за околу 300 денари. Слична е состојбата и со млекото. Сточарите го предаваат по цена од 23 денари за килограм, додека во маркетите цената се движи од 70 до 100 денари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Борче Бучински од Здружението „Пелагониско Поле“.
Тој посочува дека проблем се и субвенциите, кои, според него, се пониски од оние во Србија и во други соседни земји, а дополнително доцнат со исплатата. Во Србија субвенцијата за една крава е 500 евра, во Словенија 2.000 евра, додека кај нас изнесува 8.000 денари.

Состојбата со болеста кај овците дополнително го продлабочува проблемот со намалувањето на домашниот сточен фонд и производството на млеко, а одгледувачите предупредуваат дека последиците за овчарството може да бидат долгорочни.

– Ситуацијата со болеста е исклучително алармантна, се шири со голема брзина и е надвор од контрола. Досега пцовисаа или беа усмртени над 10.000 грла овци, а целосно се уништени десетици стада, главно во Источниот Регион – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили.
Според него, дополнителен проблем се и ниските надоместоци за уништениот добиток. Обесштетувањето, како што вели, се движи од 5.000 до 12.000 денари по грло, што не ја покрива реалната вредност на животните и не им овозможува на сточарите да ги обноват стадата.

Во меѓувреме, увозот на млеко и млечни производи во земјава минатата година надминал 104 милиони евра.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочуваат дека досега се исплатени околу 6,5 милијарди денари субвенции, односно околу 90 проценти од средствата предвидени со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година.

Министерот Борче Серафимовски изјави дека од преземањето на функцијата на 13 јули се реализирани седум одделни исплати во вкупен износ од над 1,2 милијарди денари, наменети за повеќе категории земјоделци.

Според него, од вкупно предвидените 7,295 милијарди денари за 2026 година, досега се исплатени околу 6,512 милијарди денари. Тој нагласи дека паралелно се работи и на расчистување на заостанатите обврски од претходните години.

Серафимовски најави и засилени контроли на исплатата на субвенциите. Како што посочи, досегашните проверки откриле неправилности, нереални приноси и злоупотреби во дел од земјоделските стопанства и сточарството. Теренските контроли, вкрстувањето на податоците и сателитските снимки треба да овозможат попрецизна проверка на пријавените површини и производствени капацитети.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img