Државните институции и општините во просек се нешто поотворени кон граѓаните отколку минатата година, но значаен дел од нив и понатаму не ги објавуваат навреме најважните информации, особено оние поврзани со трошењето на јавните пари. Ова го покажува Индексот на активна транспарентност за 2026 година на Центарот за граѓански комуникации, кој годинава опфаќа 102 институции – Владата, министерствата и сите општини.
Просечната активна транспарентност годинава изнесува 82 %, што е за два процентни поена повеќе од ланските 80 %. Министерствата и Владата имаат просек од 86 %, додека општините се на 81 %. Но, подобриот просек не значи дека сите институции станале поотворени. Напротив, дури 41 % од институциите опфатени со истражувањето годинава имаат полош резултат од минатата година.
На врвот кај министерствата има промена. По пет години, Министерството за одбрана веќе не е прво. На неговото место годинава е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое има максимални 100 отсто активна транспарентност и е единственото министерство со таков резултат. Кај општините, дури четири се со максимални 100 отсто – Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип. Интересно е што ниту една од општините кои минатата година биле лидери не успеала да ја задржи првата позиција. На другата страна од листата е Општина Лозово, која повторно има најнизок резултат од сите 102 институции. Нејзината активна транспарентност изнесува 36,9 %.
Кога се гледаат регионите, Источниот Регион и четврта година по ред е на првото место. Годинава неговиот резултат е дополнително подобрен – од 88 % минатата година на 91 %.
Најголемата слабост, сепак, остануваат информациите за парите. Министерствата објавуваат 71 % од информациите што се очекуваат во оваа област, додека кај општините резултатот е уште послаб – 64 %. Тоа значи дека граѓаните потешко доаѓаат до информации за тоа како институциите ги планираат и трошат јавните средства. Токму затоа, и покрај подобрувањето на вкупниот резултат, финансиските информации остануваат една од најважните слабости во транспарентноста.
Истражувањето покажува проблем и кога граѓаните директно ќе побараат информација од институциите. На сите 102 институции им било испратено исто барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, во ист ден. Резултатот покажува дека 32 % од институциите или одговориле по истекот на законскиот рок или воопшто не одговориле. Меѓу најдобро рангираните институции се и Владата и Министерството за дигитална трансформација, со по 97,6 %, додека Министерството за финансии има 94 %, а Министерството за одбрана 93,2 %. Министерството за правда е на 83,3 %, Министерството за здравство на 88,6 %, а Министерството за транспорт на 66,7 %.
Кај општините, покрај четирите со максимални 100 отсто, високо се рангирани Кочани, Пласница, Илинден и Кичево, со по 98,5 %. Центар и Гевгелија имаат по 97 %, додека Берово, Брвеница, Гази Баба, Карпош, Крива Паланка и Куманово се на 96,9 %. На дното, покрај Лозово, се Врапчиште со 40,3 %, Сопиште и Старо Нагоричане со по 40 %, Чучер-Сандево со 47,7 %, Боговиње и Студеничани со по 52,3 % и Гостивар со 55,4 %.
Индексот на активна транспарентност се спроведува секоја година од 2016 година и мери колку институциите сами, без граѓаните да мораат да бараат, објавуваат информации од јавен карактер.






