За нарачките од „Тему“ веќе се пресметува ДДВ од 18 отсто, а корисниците сега имаат и можност да платат во готово при доставувањето. Додека, пак, ослободувањето од царина останува за пратките до 90 евра. Во меѓувреме, Европската Унија воведува нови правила и административни давачки за малите пратки од земјите надвор од ЕУ, што може индиректно да влијае и врз македонските купувачи.
Нарачките од „Тему“ и од другите странски онлајн платформи веќе не се ослободени од ДДВ до вредност од 22 евра. Со измените во домашната регулатива, за овие пратки се пресметува ДДВ од 18 отсто, а на платформите износот често е прикажан како „import charge“, што кај купувачите создава впечаток дека станува збор за нова увозна давачка.
Во меѓувреме, новина за корисниците е и можноста нарачките да се платат во готово при доставувањето, наместо исклучиво со платежна картичка. Додека македонските купувачи се соочуваат со новите правила за ДДВ и со царинските прагови, Европската Унија воведува дополнителни мерки за милијардите евтини пратки што пристигнуваат од земјите надвор од ЕУ.
– Ова не е нова давачка, туку станува збор за ДДВ од 18 отсто, кој со измените во регулативата почна да се применува и за пратките со вредност до 22 евра, за кои претходно постоеше ослободување од данок. Тоа што е прикажан на платформата како „import charge“, кај граѓаните може да создаде впечаток дека станува збор за нова увозна давачка, но, всушност, се работи за ДДВ што и претходно постоеше како обврска за други видови увоз. Сега тој износ е транспарентно издвоен при самото купување – објаснува за ВЕЧЕР Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик систем“ (ЕЛС).
Според него, промената е дел од поширокото усогласување на начинот на кој се третираат е-трговијата и пратките со мала вредност.
– Не станува збор за специфична давачка само за „Тему“. Слични промени се воведуваат и на други пазари, особено во земјите од регионот, каде што властите се обидуваат да воспостават порамноправни услови меѓу домашната трговија и големите странски онлајн платформи. Кога продава производ, домашниот трговец ги има сите даночни и други обврски, па затоа и кај прекуграничната е-трговија, се настојува да има поголема контрола и транспарентност – вели Гешовски.
Тој појаснува дека кај пратките од „Тему“ новина е и можноста за плаќање во готово при доставувањето.
– До неодамна, корисниците најчесто плаќаа со платежни картички директно преку платформата. Сега постои и можност за плаќање во кеш при добивање на пратката. Тоа е практична новина што им дава дополнителна можност на граѓаните, особено на оние што не сакаат или немаат можност да плаќаат онлајн со картичка. Сепак, начинот на плаќање не ја менува даночната обврска – ДДВ се пресметува согласно со важечките правила –нагласува Гешовски.
Во однос на вредноста на нарачките, тој објаснува дека граѓаните треба да бидат внимателни кога нарачуваат поголеми количини или производи со повисока вредност.
– Според важечките царински прописи, за комерцијалните пратки и е-commerce нарачките до 90 евра се плаќа ДДВ од 18 отсто, додека за пратките со повисока вредност се пресметува и царина, во зависност од тарифната ознака, односно видот на производот. Затоа ако сака да избегне дополнителна царинска обврска, граѓанинот треба да внимава вредноста на нарачката да не го надминува прагот од 90 евра, односно приближно 5.000 денари – појаснува Гешовски.
Тој додава дека во последниов период ѝ се посветува поголемо внимание и на самата содржина на пратките.
– Има заострување на критериумите во однос на димензиите, тежината и карактеристиките на производите. Целта е да има подобра контрола на тоа што влегува во земјата и да се намали можноста за злоупотреби во системот на е-трговија. Производите што ги добиваат корисниците се со декларациите со кои се увезени, односно нема препакување или промена на декларациите. На тој начин се обезбедува поголема транспарентност и се избегнуваат ситуации во кои на производот би му се менувала вредноста или описот при увозот – вели Гешовски.
Според него, важно е да се прави разлика меѓу различните платформи и начинот на кој функционира нивната логистика.
– Ова што го гледаме кај „Тему“ не треба автоматски да се поистоветува со начинот на кој се обработуваат пратките од „Али експрес“ или од други платформи. Кај различни оператори постојат различни логистички модели и начини на обработка. При преземањето на пратката, може да се појави обврска за плаќање данок, а доколку вредноста ја надминува пропишаната граница, и царина. Затоа секогаш треба да се гледаат конкретниот тип пратка, нејзината вредност и начинот на кој е испратена – објаснува Гешовски.
Тој посочува дека не треба да се гледаат промените во е-трговијата само низ призмата на една платформа.
– Ова е процес што ќе продолжи. Количината пратки од странските онлајн платформи значително се зголемува, а со тоа се зголемува и потребата од подобра контрола, автоматизација и јасни правила. За корисниците најважно е однапред да знаат колкава е крајната цена на производот, дали е вклучен во неа ДДВ и дали постои можност за дополнителни давачки при приемот. Колку повеќе се прикажуваат овие информации транспарентно уште при нарачката, толку помалку ќе има недоразбирање при испораката – вели Гешовски.
Паралелно со промените во Македонија, нови правила за пратките со мала вредност се воведуваат и во Европската Унија. Европскиот парламент одобри сеопфатна царинска реформа со која се предвидува нов административен надоместок за обработка на пратките што пристигнуваат од земјите надвор од ЕУ. Мерката се однесува на огромниот број евтини пратки што, преку платформите како „Тему“ и „Шеин“, пристигнуваат на европскиот пазар. Новиот административен надоместок не треба да се поистоветува со царината од три евра за пратките со мала вредност, туку станува збор за посебен трошок за административна обработка. Точниот износ допрва треба да биде утврден, иако во текот на преговорите се споменуваше фиксна сума од околу два евра од пакет.
Предвидено е земјите членки да ја активираат наплатата најдоцна до 1 ноември 2026 година. Целта на мерката е да се покријат трошоците на царинските служби, кои се соочуваат со огромен број мали пратки. Податоците на Европската комисија покажуваат дека само во 2025 година во ЕУ влегле 5,9 милијарди производи со мала вредност испратени директно до потрошувачите, при што околу 90 отсто од нив потекнувале од Кина. Една од клучните промени во европската реформа е и поголемата одговорност на онлајн платформите. „Тему“, „Шеин“, „Амазон“ и сличните платформи ќе имаат поголеми обврски во царинската постапка, вклучително и во обезбедувањето и пријавувањето на податоците за стоката. На тој начин царинските власти треба да добијат подобар увид во тоа што се продава и што влегува на европскиот пазар.
За македонските граѓани, европската одлука нема директна правна сила, бидејќи Македонија не е членка на Европската Унија. Сепак, влијанието може да се почувствува индиректно, преку логистичкиот синџир. Голем дел од пратките купени преку кинеските апликации патуваат преку европските транзитни и поштенски центри, меѓу кои и Будимпешта и Виена. Построгите контроли и дополнителните административни процедури би можеле да влијаат врз роковите за обработка и за испорака, додека евентуалните повисоки логистички трошоци би можеле да се одразат и врз крајната цена на доставувањето.
Сепак, новиот европски административен надоместок не значи дека тој автоматски ќе им биде наплатуван и на македонските граѓани. Македонија има сопствена царинска и даночна регулатива и кај нас веќе е направена значајна промена со укинувањето на ослободувањето од ДДВ за онлајн нарачките до 22 евра. Така, додека во Македонија фокусот е на примената на ДДВ од 18 отсто и на контролата на пратките со мала вредност, во ЕУ се гради поширок систем во кој платформите ќе имаат поголема одговорност, а малите пратки ќе бидат предмет на дополнителна административна обработка. За граѓаните најважно останува при нарачувањето да ја знаат крајната цена, дали е веќе пресметан ДДВ и дали постои можност за дополнителни давачки при приемот на пратката.






