Опфатот со вакцинација кај децата низ Европа бележи стагнација и загрижувачки пад, покажува сеопфатната анализа на податоците за седум заразни болести во Европската Унија од 1980 до 2024 година. Научниците регистрираа дека од 2019 година наваму, дури 16 земји се соочуваат со пад на имунизацијата за најмалку четири клучни вакцини. Двоумењето на родителите и нарушените здравствени системи веќе го зголемуваат ризикот од враќање на болести кои со децении беа под контрола.
Податоците откриваат сериозни разлики меѓу земјите членки, но и заеднички ранливости. Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска регистрираат пад на опфатот за сите седум анализирани вакцини.
Германија и Шпанија бележат намалена заштита кај пет од седумте имунизации. Спротивно на нив, Франција и Италија успеаја да подигнат четири стапки, додека кај три вакцини сè уште имаат надолна линија.
Овие разлики покажуваат дека проблемот не е врзан само за еден регион, туку ги зафаќа и најбогатите здравствени системи.
Јазот во опфатот на континентот никогаш не бил толку видлив. На врвот на табелата се издвојуваат Луксембург и Португалија, каде што опфатот за сите анализирани вакцини останува над 95 отсто. Тоа е нивото што обезбедува стабилен колективен имунитет.
На спротивната страна е Романија. Таму опфатот падна под 80 проценти, што отвора директна опасност од нови локални епидемии.
Македонија се наоѓа во исклучително ризична зона, бидејќи опфатот со првата доза на МРП-вакцината изнесува само 62 отсто. Тоа е далеку под потребните 95 проценти за стабилен колективен имунитет. Ситуацијата дополнително ја усложнуваат соседните жаришта во Косово и Бугарија, каде што веќе расте бројот на заразени. Според податоците од Министерството за здравство, состојбата не е подобра ниту кај другите редовни вакцини. Опфатот за дифтерија, тетанус и полиомиелитис е паднат на 79 отсто, додека кај ХПВ-вакцината изнесува поразителни 51 процент.
Прекршувањето на трендот започна меѓу 2019 и 2022 година, период што директно се поклопува со ковид-кризата. Карантините, преоптоварените болници и одложените педијатриски прегледи оставија стотици илјади деца без редовна доза.
Освен логистичките проблеми, авторите на истражувањето издвојуваат уште еден фактор: растот на скептицизмот кон вакцините. Дезинформациите што експлодираа во пандемијата директно се прелеаја врз редовниот календар за имунизација.
Истражувачите заклучуваат дека без итни национални мерки и директна работа на терен, европските општества ризикуваат губење на колективната заштита што се градеше со генерации.






