Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска од собраниска говорница побара партиите да не ги користат образованието и здравството за стекнување политички поени. Одговарајќи на прашање на пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ кога децата од училиштето „Киро Глигоров“ во скопски Центар ќе почнат да учат со физичко присуство и зошто за време на летото не се правела доградбата, Јаневска рече дека сите ученици за една недела треба да почнат да учат со физичко присуство и дека организацијата на наставата ја прави директорката.
– Не очекував од вас ваков популизам. Настава децата имаат, да, во дел имаат онлајн настава, затоа што им се обезбедуваат подобри услови за да учат, за да постигнуваат подобри резултати. Дали треба? Треба. Ако не градевме, ќе ме прашате зошто децата ви учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат, нели секојдневно ќе учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство. Проблемот е што не учат. Проблемот е што има проблем во системот и не ни учат и приоритет е ПИСА и приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да ги научиме нашите наставници да им го пренесат знаењето – рече министерката Јаневска.
Секој пат од оваа говорница, нагласи таа, ве повикувам да се обединиме во областа на образованието и здравството, за се друго може да се караме.
– Овде нема проблем. Зошто правиме проблем таму каде што го нема само за популизам, за собирање лајкови и гласови. Гласови ќе собираме на добри проекти. И тоа така треба да биде. Еве ве молам, тргнете ги рацете од образованието и од здравството, суштински се за младите. Оти вака како што се последни, а ќе бидат уште полоши ако нешто не преземеме, вие знаете што ќе се случува во иднина. Ама не сум сигурна дека се грижите. Се грижите за во моментов да го постигнете рејтингот на вашата партија. Не се грижите за децата – рече Јаневска.






