Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, оствари протоколарна средба со амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер.
На средбата беше потврдена определбата за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји, а ги опфаќаат областите под надлежност на министерството и се во заеднички интерес на двете држави.
Соговорниците изразија подготвеност за интензивирање на билатералната соработка и размената на искуства и добри практики.
Во оваа насока, беше разговарано за можностите за обновување на институционалната соработка со надлежните француски институции, вклучително и преку воспоставување формална рамка за соработка и реализација на заеднички проекти.
На средбата беше отворено и прашањето за унапредување на соработката во областа на социјалното осигурување, со цел создавање дополнителни можности за заштита на правата на граѓаните и олеснување на остварувањето на нивните права во двете земји.
Се разговараше и за размена на искуства во областа на семејното насилство и поддршка на младите.
Министерот Велковски и амбасадорот Ле Риголер се согласија дека постои простор за продлабочување на партнерството преку конкретни иницијативи и проекти, во духот на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Франција и заедничката определба за европска иднина, социјална кохезија и подобар живот за граѓаните.






