Денеска треба да продолжи постапката пред Основниот кривичен суд Скопје за случајот поврзан со наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“. Меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Постапката беше прекината на претходното рочиште, кога Судот оцени дека на обвинетите и нивните бранители им е потребно дополнително време за да извршат увид во доказите и соодветно да ја подготват одбраната, објави 4news.mk
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски тогаш нагласи дека одбраната треба да има доволно време да се запознае со целокупниот доказен материјал, како и да предложи сопствени докази во продолжение на постапката.
Во судскиот предмет, обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Тие најавија дека ќе бидат изведени 231 материјален доказ, ќе се презентираат вештачења и ќе бидат сослушани седум сведоци.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, Груби и уште седум лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Обвинението се однесува на периодот од 2023 и 2024 година, кога, според обвинителството, со пречекорување на службените овластувања била предизвикана штета на АД „Државна лотарија“ во износ од повеќе од 507 милиони денари.
Првообвинет во предметот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот.
За Артан Груби, пак, Обвинителството побара продолжување на мерката куќен притвор.






