Повеќе од илјада локално стекнати инфекции со вирусот западен нил се забележани ширум Европа од почетокот на овогодишната сезона на пренос, покажаа податоците на Европскиот центар за спречување и контрола на болести.
До трети септември се забележани вкупно 1 086 случаи во 15 земји, а бројот нагло порасна последните недели. Почетокот на август беа пријавени нешто повеќе од 240 случаи во седум европски земји. Италија забележа најмногу случаи – 516, а следуваат Грција со 284 и Шпанија со 88.
Вкупно се погодени 144 подрачја ширум Европа, вклучувајќи 62 во Италија, иако Европскиот центар за спречување и контрола на болести предупреди дека бројките не даваат целосна слика.
Вирусот западен нил главно го шират комарците меѓу дивите птици, но заразените комарци го пренесуваат и на луѓето.
Според германскиот институт „Роберт Кох“, околу 20 проценти од заразените лица развиваат болест слична на грип, додека само околу еден отсто пројавуваат сериозни симптоми.
Западнонилската треска обично минува без компликации, иако долгорочните последици се релативно чести меѓу пациентите кои ќе развијат тешка форма на болеста.






