За некого уште еден обид, за нив уште една надеж. Паровите кои се соочуваат со неплодност сега добиваат до шест бесплатни обиди за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО), наместо досегашните три. Колку значи оваа промена покажуваат и бројките. Од вкупно 1.883 барања во една година, 237 биле за четврти, петти и шести обид. Најмногу за четвртиот. Но има и такви кои не се откажале ни по петтиот. Некои стигнале и до шестиот обид. Шест шанси за една желба која за нив нема цена, да станат родители.
– Овие бројки исто така укажуваат на тоа дека овој проблем навистина има потреба од голема системска поддршка во нашата држава. Според СЗО всушност еден од шест лица се соочуваат со неплодност, меѓутоа во нашата држава која што е многу помала и која што се соочува со сериозни демографски предизвици и намален наталитет, и те како разбираме дека овој проблем всушност да не биде третиран само како проблем на жените и паровите туку навистина бара континуирана и институционална поддршка и залгање за правата и условите за оние кои што минуваат низ репродуктивни предизвици, вели Деспина Петровска здружение „До бебе преку пат на ин-витро“.
Неплодноста не е само лична битка. Таа е и општествен предизвик. А патот до ин-витрото не завршува со добиениот ваучер. Напротив. Следуваат процедури, терапии, чекање, неизвесност. Но и финансиски и психолошки товар, додава Петровска.
– Предизвиците се можеби да кажам најмалку во однос на термините, туку се разни. Психолошката борба е исто така една поголема пречка со која шт осе соочуваат измеѓу сите оние процедури кои што треба да ги направат пред ин-витрото, пред постапката за ваучер, после постапката за ваучер.
Во 2025 година за БПО постапки во осум здравствени установи се реализирани над 97,3 милиони денари, а со зголемувањето од три на шест БПО обиди, се обезбедуваат повеќе можности и помал финансиски товар за семејствата, велат од ФЗО.
Постапката беше дополнително поедноставена со воведување електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, рокот за поднесување приговор беше продолжен од 8 на 15 дена, а осигуреното лице здравствените услуги за БПО ги остварува врз основа на известување од Фондот, без потреба од дополнителен упат од избран лекар – гинеколог од примарната здравствена заштита.
Но, додека едни се борат за шанса да добијат едно дете, земјата се соочува со сосема спротивна борба, како да има повеќе деца. Околу 3.000 првачиња помалку од лани и десетици училишта со празни клупи. Во услови на сериозна демографска криза и масовно иселување, министерката за образование Весна Јаневска на шестгодишните првачиња им порача да бараат од родителите братче или сестриче. Наместо мерки за младите и семејствата, лекцијата за демографијата стигна до оние кои допрва го учат првиот буквар.
Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на живородени деца од година во година опаѓа или за четири години има 2300 помалку родени деца. Од нешто повеќе од 18 илјади во 2022-та година до безмалку 16 илјади новороденчиња во 2025-та година.






