Звучни имиња од јавниот живот пронајдени во телефонскиот именик на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов, кој беше во фокусот на денешното судење.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева прочита повеќе познати имиња од политичкиот и бизнис-секторот кои биле запишани меѓу неговите контакти, меѓу нив беа споменати: Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев, пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, кој во именикот на Ристов бил запишан како „бабе Исмаил“, како и неговиот син Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, а исто така, споменат бил и бизнисменот Зоран Азманов.
На списокот со контакти, според обвинителството, се наоѓале и Фехми Стафа, кој во јавноста се поврзува со случајот со осомничениот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, како и Исмет Гури, поранешен директор на УЈП и функционер на ДУИ, кој беше опфатен во предметот „Титаник 3“.
Меѓу контактите била и поранешната пратеничка Фросина Ременски, а во телефонот бил зачуван и број што, според обвинителството, му припаѓал на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Иако обвинителството на судењето не презентирало конкретна комуникација меѓу Ристов и наведените лица, обвинителката оценила дека самото постоење на овие контакти може да биде разгледувано од аспект на етичките и законските стандарди.






