Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска и утре ќе учествува на Самитот и Форумот за енергетика на Југоисточна Европа во Солун. Во рамки на посетата, Македонија официјално ќе го потпише меморандумот за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор.
Божиновска утре ќе се обрати на 6. Метрополитен самит „Во пресрет на 2030 година: поврзаност и раст за Југоисточна Европа“, а ќе учествува и на јубилејниот 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа.
Со потпишувањето на меморандумот официјално ќе биде означено приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор, европска иницијатива насочена кон диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.
Вертикалниот гасен коридор ќе биде една од главните теми на Метрополитен самитот, на кој ќе се разговара за геополитичките предизвици, регионалната економска соработка, инфраструктурниот развој и зелената енергетска транзиција.
На 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа во фокусот ќе бидат енергетската сигурност, обновливите извори на енергија и регионалната соработка. На форумот се очекува учество на министри, претставници на енергетски компании и меѓународни институции, експерти, регулатори и инвеститори.






