Сите закони за кои е потребно гласање со Бадентерово мнозинство ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање во Собранието, но останува неизвесно дали ќе бидат усвоени поради процедуралните постапки на опозициската ДУИ, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши.
На првиот брифинг со новинарите по летните одмори на пратениците, Гаши посочи дека меѓу законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство се законот за правична застапеност, законот за високо образование и законот за локална самоуправа.
Според него, проблемот веќе има повеќе политичка отколку процедурална димензија.
„Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш на друго политичко ниво се разговара“, рече Гаши.
На денешната координативна средба во Собранието присуствувал и заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но, според Гаши, немало најава дека пратениците на партијата повторно ќе ја применат истата процедура.
Претседателот на Собранието оцени дека не станува збор за класична блокада.
„Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат“, изјави Гаши.
Тој се осврна и на можноста политичката блокада да доведе до предвремени парламентарни избори. Според него, избори може да има доколку 61 пратеник одлучат за распуштање на Собранието, но негов став е дека парламентарните избори треба да се одржат во редовниот термин.
„Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво“, рече Гаши.
Бадентеровото мнозинство се применува при донесување одредени закони и одлуки што ги засегаат прашањата на заедниците, меѓу кои употребата на јазиците и симболите, културата, образованието и други области.
Во Собранието во моментов има 39 пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Македонија, што значи дека за т.н. голем Бадентер се потребни најмалку 20 нивни гласови.






