Државната комисија за спречување на корупцијата утврди коруптивни регулаторни ризици во повеќе одредби од Законот за финансирање на политичките партии и предложи нивно прецизирање. Најголем дел од забелешките се однесуваат на распределбата на буџетските средства, членарините, донациите и начинот на кој партиите ги објавуваат податоците за своето финансирање.
Проверката на законот е направена по сопствена иницијатива на ДКСК, во рамките на антикорупцискиот план за проверка на легислативата за 2026 година. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, посочи дека по анализата биле идентификувани повеќе одредби кај кои постои потреба од дополнително уредување за да се намалат ризиците од корупција.
Една од клучните забелешки се однесува на членот 10, кој го регулира начинот на распределба на средствата што политичките партии ги добиваат од државниот буџет. Од ДКСК сметаат дека треба да се преиспита дали сегашниот модел е пропорционален, правичен и дали им обезбедува фер и еднакви можности на учесниците.
Комисијата посочува и дека станува збор за јавни средства чиј износ континуирано се зголемува, поради што треба да се оцени дали постојната законска формула е целисходна и соодветна на целта за која е воспоставена.
Забелешки има и за членот 14, кој се однесува на членарината што ја плаќаат членовите на политичките партии. Според ДКСК, во оваа одредба недостига превентивен механизам, а доколку се надмине дозволениот износ на членарината, во прекршочните одредби не се предвидени соодветни санкции.
Посебно внимание е посветено и на партиските донации. ДКСК препорачува членот 16, кој го уредува вкупниот износ на поединечните донации од физички и правни лица, да се дополни со сите неопходни правила и да се отстрани правната празнина. Комисијата бара оваа одредба да се усогласи и со Изборниот законик.
Проблем е констатиран и кај транспарентноста на регистрите на донации. Во членот 17 не е доволно јасно определено на кој начин, освен преку објавување на веб-страницата, политичките партии треба да ги направат регистрите достапни до јавноста. Според ДКСК, ваквата нејаснотија остава простор за различно толкување на одредбата и може да го зголеми ризикот од нееднаква примена во пракса.
Ова особено може да биде проблем за политичките субјекти кои немаат сопствени веб-страници, поради што Комисијата бара начинот на објавување на податоците да биде попрецизно утврден.
ДКСК предлага промена и во членот 26, став 7 од законот. Според препораката, политичките партии треба да имаат јасна обврска годишната сметка за своето финансиско работење да ја доставуваат и до ДКСК. Со тоа, одредбата би се усогласила со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Извештајот со препораките треба да биде доставен до надлежните институции за понатамошно постапување и евентуални измени на законската регулатива.






