Во политиката има моменти кога дневнополитичката калкулација мора да престане, а зборовите мора да ја имаат тежината на одговорноста. Односот кон воените злосторства, жртвите и правосилните пресуди на меѓународните судови е токму таков момент.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување.
За нас не постојат двојни стандарди кога станува збор за почитувањето на жртвите, меѓународното право и цивилизациските вредности. Ниту еден воен злостор не може да биде оправдан и ниту еден правосилно осуден воен злосторник не може да биде претставуван како пример за почит или восхит.
Објавата е личен став на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и не може да се поистоветува со ставот на Владата, ниту со политиката на носителите на власта и одговорноста за сопственото јавно постапување и лични ставови мора да се преземе лично и институционално.
Оттука, несериозно и политички нечесно е да се тврди дека ЗНАМ „молчи“, само затоа што не сме реагирале по диктатот и во рокот што некој од опозицијата ни го одредил.
ЗНАМ говори и делува врз основа на сопствени принципи.
Ако навистина сакаме сериозно да разговараме за европските вредности, демократијата, соочувањето со минатото и почитувањето на меѓународното право, тогаш да разговараме без етикетирања, без политички памфлети и без историски конструкции скроени за дневнополитичка употреба.
ЗНАМ ја осудува секоја глорификација на воени злосторства и воени злосторници.
Истовремено ЗНАМ, ја отфрла и политичката инструментализација на ова исклучително сериозно прашање со цел создавање колективна вина, етнички поделби и политички конструкции.
Венко Филипче и СДСМ од една сериозна тема создаваат цела политичка конструкција во која се обидува да ги спои партиите од власта и Движењето ЗНАМ, Србија, Александар Вучиќ, „српскиот свет“, Кина, Русија, МПЦ, кое за нас, претставува, класичен политички спин чија цел е една конкретна постапка да ја претвори во поширока конструкција за дискредитација на цела Влада и на нејзините коалициски партнери.
Истовремено, како Движење и сериозен политички субјект, нема да дозволиме самопрогласени политички толкувачи да ни објаснуваат што мислиме, во што веруваме и за што се залагаме.
Ставот на ЗНАМ е јасен, НАТО и ЕУ се иднината на Македонија!
ЗНАМ ќе продолжи да ја носи својата одговорност кон Македонија со сопствен став, јасни принципи и почит кон државноста, меѓународното право и кон сите нејзини граѓани.






