Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телефонско интервју за Канал 14 изјави дека Иран се обидел да убие еден од неговите двајца синови, објавија денес израелските медиуми.
„Иран се обиде да убие еден од моите синови“, рече Нетанјаху, без да даде дополнителни детали, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека затоа безбедноста што ја добиваат неговите синови не е луксуз, бранејќи го договорот постигнат со агенцијата за внатрешна безбедност Шин Бет за да им обезбеди на неговите синови, заедно со неговата сопруга Сара, заштита најмалку пет години, дури и ако ги изгуби претстојните избори.
Не е јасно кој од синовите на Нетанјаху, Јаир или Авнер, наводно бил цел на нападот, ниту кога и како се случил наводниот обид за атентат, според „Тајмс оф Израел“.
Авнер живее во Израел, додека Јаир, попознатиот од двајцата, поголемиот дел од изминатите неколку години ги поминал во Мајами, САД, и е познат по своите десничарски коментари.






