Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата планира да го заврши редовниот мандат во 2028 година, но дека е подготвена за предвремени парламентарни избори доколку опозицијата побара нивно одржување.
Во вечерашното интервју во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Мицкоски рече дека во таков случај би била свикана лидерска средба на која политичките партии би го договориле датумот за изборите.
„Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш, како Влада, сме договорени да седнеме на една лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори. Нема да бегаме“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, Владата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните кој завршува во пролетта 2028 година. Тој посочи дека мандатот на актуелната политичка влада практично би траел до крајот на 2027 година, имајќи го предвид моделот на техничка влада пред парламентарните избори.
Мицкоски рече дека владејачката партија е подготвена да излезе на избори во секој момент доколку тоа го побара опозицијата и изрази уверување дека повторно би го победила СДСМ.
Тој оцени дека е легитимно опозицијата да бара предвремени избори доколку смета дека има поддршка да формира подобра влада.
Сепак, без такво барање, според Мицкоски, власта нема причина предвреме да се откаже од мандатот што го добила од граѓаните.






