На 1 септември за секое дете од прво до четврто одделение ќе има учебници. Новата учебна година ќе стартува без проблеми со дистрибуцијата на бесплатните учебници, кои, според министерката за образование и наука Весна Јаневска, веќе се доставени до училиштата. Но оние училишта што навреме не пријавиле потребно количество ќе треба самите да обезбедат учебници бидејќи МОН испорачува според нарачаното.
Интензивно се реконструираат основните училишта низ земјава во пресрет на новата учебна година, за од септември да се создадат услови за воведување едносменска настава. Во основното училиште „Александар Македонски“се доградуваат три нови училници за овозможување едносменска настава за сите ученици.
Инвестицијата е поддржана од Министерството за образование и наука во вредност од 2,2 милиона денари.






