Убавото неделно сонце ги намами скопјани, домашните и странските туристи да го поминат денот на Матка – едно од најпознатите рекретивни места во близина на Скопје. Уште на самиот влез се забележуваа голем број возила, а полициски службеници ги насочуваа посетителите кон паркинзите во завнисност од нивната пополнетост. Дел од гостите пристигнаа и со организиран превоз, па на терен затекнавме голем број автобуси. Првите впечатоци кај сите посетители се позитивни.
Јас сум од Гевгелија и овде во Скопје сме дојдени на гости. Многу ми се допаѓа местово затоа што како што се горештини ова место има посебна свежина и ова место е добро за свежина и одмарање.
Од најмлади до највозрасни, домашни и странски гости – Матка беше преполна со посетители. Со ранчиња и торби полни со храна и пијалаци, едни денот го поминуваа во ресторани, други на летниковци покрај езетото, а дел од посетителите спас од високите температури бараа и во водата. Некои се сончаа, други уживаа под сенка.
Сега се возевме со бродчиња. Супер е и тоа. Не е многу скапо. Направивме некој круг малку. Избегавме од секојдневните жештини.
Но, зад убавата природа и позитивните впечатоци, посетителите посочуваат и низа проблеми со кои се соочуваат при посетата. Најголем предизвик е паркирањето, особено во денови кога Матка е преполна. Забелешки има и за состојбата на патеките, кои на одредени места се раскопани и нерамни, но и за недостигот од корпи за отпадоци и тоалети.
Инфраструктурата треба да биде на повисоко ниво и малку повеќе да се внимава на овие продавачи кои продаваат на вакво место, на нивните услови и хигиена.
Со оглед на тоа што Матка во текот на викендите привлекува голем број посетители, граѓаните сметаат дека со подобро уредени патеки, повеќе паркинг места, подобра хигиена и доволно санитарни јазли, оваа природна убавина би можела да понуди уште подобри услови за сите посетители.






