ЕУ се спрема за ново проширување, но прво мора да ги зацврсти правилата во своите редови. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, денеска, за бриселски „Политико” порача дека Комисијата наскоро ќе даде предлози – за подготовка на поголема Унија и потврди дека е потребно се зајакне поддршката од сите 27 членки.
Според бриселскиот портал, Европската Комисија работи на измените на условите за новите членки и се очекува да објави предлози за попрецизно дефинирање на нивните права, но и заштитни механизми.
„Политико“ : Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави за Playbook дека Брисел ја препознава потребата „да се зајакне политичката поддршка од сите 27 земји членки“ и потврди дека „Комисијата наскоро ќе даде предлози за тоа како да се подготвиме за поголема Унија“. Тоа ќе вклучува попрецизно дефинирање на правата и обврските на новите членки, како и заштитни механизми со кои би им се одземала можноста да ги попречуваат одлуките доколку не ги исполнуваат своите обврски. Конечните детали сè уште не се објавени.
Високи функционери од Брисел, за „Политико“ брифираат дека – иако членките декларативно се за отворање на европскита врата, земји како Франција, Германија и Холандија се противеле на пребрзо проширување. Според нив, стравувањата се дека новите членки би можеле да блокираат клучни политики – како што веќе се случуваше со Унгарија во време на Орбан.
„Политико“ : „Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении“, изјави дипломат од една скептична земја. „Стравот е дека ќе внесеме тројански коњ.“ Берлемонтот подготвува предлог за промена на правилата за новите членки, кој ќе им биде претставен на лидерите на ЕУ на состанокот на Европскиот совет што започнува на 15 октомври, изјавија за Playbook тројца високи функционери вклучени во процесот, под услов на анонимност поради чувствителноста на прашањето.
Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, според информациите на порталот, веќе се подготвува за пресметка со престолнините на ЕУ — и има само неколку недели да ги убеди дека Унијата може да управува со ризиците од ново проширување.






