Судскиот совет и Здружението на судиите излегоа со реакција откако Уставниот суд за првпат активираше механизам за барање одговорност за судија, откако утврдил дека Основниот граѓански суд не ја испочитувал и не ја спровел одлуката на Уставниот суд со која била констатирана повреда на слободата на изразување на новинарката Наташа Стојановска, една од новинарите кои водат судски постапки за „крвавиот четврток“.
Во реакцијата потенцираат дека го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и тоа дека неговите одлуки се конечни и извршни, а државните органи се должни да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од нив, но ја истакнуваат уставно загарантираната самостојност и независност на судовите и законски уредениот тек на судските постапки.Всушност тие реагираат на тоа што решението на скопскиот Граѓански суд не е правосилно и допрва за него треба да одлучува второстепениот, Апелационен суд и со овој механизам, практично, се создава впечаток дека се прејудицира судска одлука и се врши притисок врз судиите.
-Во конкретниот случај, Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд. Оттука, постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд. Во такви околности, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија сметаат дека секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет. Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд. Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Оттука, ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет – се вели во реакцијата.
И Судскиот совет и Здружението излегоа со заедничка реакција дека и почитувањето на Уставниот суд и почитувањето на независноста на редовните судови се дел на истиот уставен поредок и на принципот на владеење на правото.
-Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружението на судиите на Република Северна Македонија остануваат цврсто определено за доследно почитување на Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд, но и за бескомпромисна заштита на независноста на судската власт, правото на правично судење и непреченото функционирање на системот на правни лекови. Само преку институционална воздржаност, заемно почитување на уставните надлежности и доследно почитување на законските процедури може да се обезбеди владеење на правото и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите – се додава во реакцијата.






