Бројот на малолетници евидентирани за кривични дела и насилно однесување во Гевгелија бележи загрижувачки раст, покажуваат податоците на Центарот за социјални работи. Раководителката на Службата, Руска Митрова, предупредува дека семејната нестабилност, врсничкото влијание и недоволниот надзор се меѓу клучните причини за оваа појава. Таа нагласува дека единствено преку навремена мултисекторска соработка меѓу училиштата, полицијата, Центарот за социјални работи, обвинителството и локалната самоуправа може да се спречи понатамошниот раст на детското престапништво. Центарот веќе работи со децата и нивните семејства преку индивидуални планови, советување и едукативни активности во училиштата. Според Митрова, превенцијата мора да започне уште во училишните клупи, со активно вклучување и на родителите
Младите се иднината, но и најранливата група во општеството. Малолетничкото престапништво ги опфаќа сите незаконски и општествено неприфатливи дејства извршени од лица помлади од 18 години. Во Македонија, постапувањето кон овие дејства е уредено со посебен Закон за правда за децата, кој гарантира дека им се суди на малолетниците според нивната возраст и психолошкиот развој. За состојбата со малолетничкото престапништво во Гевгелија и за начинот на кој се справуваат локалните институции со оваа појава, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со Руска Митрова, раководител на Службата за услуги во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Гевгелија.
Што покажуваат податоците на Центарот за социјална работа за стапката на прекршочни и кривични дела извршени од малолетни сторители за 2025 година и првата половина од 2026 година?
– Во текот на 2025 година, во ЦСР Гевгелија вкупно беа евидентирани 18 деца, од кои две сториле прекршоци, 15 сториле кривични дела и едно е во ризик и за него има пријави од училиштето за нередовно посетување на наставата. Од нив, 17 се од машки пол и едно од женски пол.
Во текот на 2026 година, во првите шест месеци се евидентирани 12 деца, од кои осум сториле кривични дела, а три од нив се деца во ризик за кои е добиено известување од училиштето за вршење насилство врз други деца. Сите деца се од машки пол.
За какви случаи на малолетничко престапништво во 2026 година станува збор и какви поднесоци и пријави се поднесени од надлежните институции?
– Во првите шест месеци, Центарот поднесе вкупно три поднесоци и три пријави. Во првиот случај имаме поднесок од Основниот суд Гевгелија за машко дете на возраст од 17 години што го сторило кривичното дело загрозување на сигурноста. Доставени се наод и мислење од нашиот стручен тим и сè уште не е изречена воспитна мерка. Во вториот поднесок од Основниот суд Гевгелија станува збор за сторен сообраќаен прекршок од страна на машко дете на возраст од 16 години, за кое веќе е изречена воспитната мерка укор и се следи планот за работа со него. Третиот поднесок е од МВР, полициска станица Гевгелија, за четири машки деца на возраст од 13 години што го сториле кривичното дело телесна повреда врз друго малолетно дете, нивни соученик. За две од децата е добиено барање и од ОЈО Гевгелија, по што ЦСР Гевгелија има дадено мислење за семејната состојба, личноста на детето и за сите деца се донесени индивидуални планови со утврдени мерки за помош и заштита.
Што се однесува до пријавите, првата од нив е од МВР, ПС Гевгелија, за сторено насилство врз машко дете на возраст од 13 години. Насилството било извршено од полнолетно лице. Втората пријава е, исто така, од МВР, ПС Гевгелија, за сторено физичко насилство врз 17-годишно дете од машки пол. Насилството е извршено од група ученици. Предметот сè уште е во постапка и се процесуира. Поднесени се и пријави од училишта за четворица ученици, сите од машки пол, и тоа тројца на возраст од 11 години и еден на возраст од 10 години (вршеле физичко и вербално насилство врз соученици).
Во сите горенаведени случаи, децата се од македонска националност, државјани на Република Македонија.
Каква е постапката на Центарот за социјални работи во сите овие предмети?
– За две од децата е добиено барање од ОЈО Гевгелија, по што ЦСР Гевгелија има дадено мислење за семејната состојба, личноста на детето и за сите деца се донесени индивидуални планови со утврдени мерки за помош и заштита. За овие деца, од страна на Основниот суд Гевгелија, исто така е доставено барање за изготвување извештај за децата и во законски предвидениот рок се доставени наод и мислење од стручен тим. Постапката за нив сè уште е во тек. За сите предметни постапки евидентирани во Центарот е изготвен соодветен план со мерки и активности за индивидуална работа со децата и со родителите и сите соработуваат со службата и редовно се јавуваат на предвидените средби во нашиот Центар.
Да кажам дека на овие средба се применуваат методи и техники согласно со возраста на децата, се јакнат родителските капацитети, им се укажува на примената на правилни воспитни стилови и методи на воспитување што ќе придонесат за намалување на ризиците кај малолетните лица. Согласно со Законот за правда на децата, се применуваат мерки на помош и заштита на децата, сè со цел превенирање, ублажување и надминување на последиците од настанатиот социјален ризик за детето и за семејството. Во поголемиот број од овие случаи, децата се сторители на кражби и нанесување на телесни повреди.
Кои се, според Вас, најчестите причини за малолетничкото престапништво во Гевгелија и каков е пристапот во превенирањето?
– Истражувањата за Македонија покажуваат дека семејната нестабилност, занемарувањето и слабата комуникација со родителите се меѓу најсилните предиктори на малолетничко престапништво. Според мене, комбинацијата на следниве фактори е најкарактеристична за нашата општина: слабеење на семејниот надзор, силно влијание од врсничките групи, недоволно организирано слободно време кај дел од младите, како и пограничната и транзитна положба на градот. Овие фактори сами по себе не создаваат престапници, но кога се јавуваат заедно, ризикот значително се зголемува.
Што се однесува во превенирањето на оваа појава, локалните институции и Државниот совет за превенција на детско престапништво се оние што работат на рана детекција и спречување на девијантното однесување. Превенцијата од детско престапништво во Општина Гевгелија законски се спроведува преку Општинскиот совет за превенција на детско престапништво и Локалниот совет за превенција. Превентивниот систем ги спојува локалната полиција (МВР), Центарот за социјални работи, основните и средните училишта, како и невладиниот сектор.
Целта е преку рана мултисекторска соработка на сите овие чинители и заемна соработка да се идентификуваат девијантните појави кај малолетниците уште во училишните клупи.
Дали Центарот за социјални работи спроведува едукативни активности во училиштата, а со цел рана детекција и спречување на девијантното однесување кај малолетниците?
– Да, во 2025 и во 2026 година, ЦСР Гевгелија, во соработка со МВР-ОВР Гевгелија и со Македонското здружение на млади правници – Скопје, спроведе едукативни активности во основните и средните училишта на териториите на Општина Гевгелија, Богданци и Дојран. Предавањата беа на темите: „Грижа за менталното здравје кај најмладите“, „Превенција и заштита од злоупотреба на психотропни супстанции кај младата популација“ и „Трговија со деца“. Едукативните активности беа проследени со големо внимание од учениците, со нивна проактивност и со учење техники за ослободување од стресот, напнатоста, како да ги препознаат своите емоции и соодветно да научат да реагираат на нив. Од оваа едукација беше увидено дека на децата им недостига знаење за овие теми, имаат потреба да бидат слушнати од своите родители, наставниците и од целокупното општество. За учебната година 2026/2027 година, повторно со погоренаведените чинители, ќе бидат одржани превентивни едукативни активности во училиштата, и тоа на темата „Правилна употреба на информативните – компјутерски техники, поголема заштита и побезбеден интернет-простор при користењето на социјалните мрежи кај децата и кај младите“. На овие работилници ќе бидат поканети и родителите, кои имаат примарна улога во воспитувањето и контролата над своите деца.
Каква е соработката со Општинскиот совет за превенција на детското престапништво од Гевгелија?
– Она што загрижува е податокот што во поголемиот дел од општините во нашата земја не функционираат општинските совети за превенција. Ниту Општина Гевгелија не е исклучок. Иако во Општина Гевгелија беше формиран во 2021 година, Општинскиот совет за превенција на детското престапништво цели четири години немаше одржано ниту една седница. Од Општината добивме информација дека во 2024 година бил донесен нов Закон за правда на децата со кој престанува да важи претходниот закон. Од тие причини, од страна на Одделението за социјална, здравствена, детска и други заштити во Општина Гевгелија се преземени активности за формирање нов состав на Општинскиот совет за превенција на детското престапништво, согласно со новиот Закон и испратени се барања до релевантните институции за номинирање членови во овој совет. Се надевам дека ќе се конституира овој совет час поскоро, со што ќе се создадат услови да се идентификуваат девијантните појави кај малолетниците уште во училишните клупи.






