Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека речиси сите регистрирани случаи на западнонилска треска годинава се од Скопскиот регион и Велес. По појавата на случаите, здравствените власти спровеле вонредни прскања против комарци во радиус од 200 метри околу живеалиштата на заболените, а во Драчево, каде што има пет потврдени случаи, било извршено дополнително прскање од земја.
Тој посочи дека е направена контрола дали општините ги спровеле редовните третмани против комарци и дека најголем дел од нив ги почитувале предвидените мерки.
Клековски апелираше граѓаните да користат лична заштита од комарци и да не дозволуваат задржување вода во дворовите и околината, бидејќи токму тоа придонесува за нивно размножување.
Министерот потсети дека западнонилската треска не се пренесува од човек на човек, туку преку каснување од заразен комарец, при што природни носители на вирусот се дивите птици. Тој додаде дека при патувања во тропски земји граѓаните треба да бидат особено внимателни и доколку по враќањето добијат висока температура или треска, веднаш да побараат лекарска помош.






