Голем шумски пожар избувна во јужна Албанија, поради што околу 15 семејства беа евакуирани заедно со добитокот и домашните миленици.
Огнената стихија се закануваше на куќите во селото Рибан, во регионот Малакстер, објави албанската телевизија „Топ чанел“.
Пожарот брзо се проширил поради високите температури, сувата вегетација и силниот ветер, што значително ја отежнало интервенцијата на спасувачките екипи. Жителите ги напуштале домовите во последен момент, носејќи ги најнеопходните работи, но и животните за кои се грижат.
Во гаснењето на пожарот се вклучени пожарникари, припадници на Силите за брза интервенција (ФНСХ), полицијата и службите за цивилна заштита. Од воздух интервенираат и хеликоптер на Министерството за одбрана, како и авион „Канадер“, кои помагаат во локализирањето на пожарот.
Според првичните информации, огнот веќе зафатил голема површина и предизвикал значителна штета врз вегетацијата, а надлежните продолжуваат со напорите да го стават под контрола и да спречат негово натамошно ширење кон населените места.
Албанските власти и во изминатите денови предупредуваа на висок ризик од шумски пожари поради екстремните горештини и долгите сушни периоди, апелирајќи граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат активности што можат да предизвикаат нови пожари.






