Товарен авион на компанијата DHL бил приморан на принудно слетување откако за време на полетувањето од аеродромот Лајпциг/Хале во Германија се судрил со непознат објект, додека полицијата подоцна на аеродромот пронашла дрон, потврдија германските власти.
Инцидентот, кој предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, се случи во близина на еден од најголемите европски логистички центри на DHL, објави 4news.mk
Германското Сојузно биро за истрага на авионски несреќи соопшти дека авионот удрил во непознат објект над аеродромот Лајпциг пред безбедно да слета во Хановер. Според пишувањето на весникот Билд, на предниот дел од леталато се утврдени помали оштетувања.
Од DHL потврдија дека се случил „инцидент“ во близина на аеродромот, наведувајќи дека надлежните служби спроведуваат истрага.
Пронајден дрон на аеродромот
Одвоено од тој настан, во текот на ноќта во близина на украински товарен авион „Антонов“ на аеродромот Лајпциг бил забележан дрон.
Портпаролот на НАТО за германската новинска агенција ДПА изјави дека дронот бил забележан во близина на леталото, додека безбедносни извори, на кои се повикува ДПА, тврдат дека тој бил опремен со експлозив и детонатор.
Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи потврди дека дронот е пронајден на аеродромот, но не сакаше да изнесува дополнителни детали поради истрагата која е во тек.
Поради инцидентот неколку летови, вклучувајќи и патнички авион кој доаѓал од Мајорка, биле пренасочени кон други аеродроми. Операциите на северната писта продолжиле по приближно два часа, додека јужната писта, каде што бил пронајден дронот, останала затворена.
Полицијата ангажирала робот за отстранување експлозивни направи за да го прегледа пронајдениот објект и истражува дали постои поврзаност меѓу двата инциденти.
Европа соочена со низа сомнителни инциденти
Германија и други европски држави последниве години бележат низа неовластени прелети на дронови над аеродроми, воени објекти, пристаништа и логистички центри. Берлин во повеќе наврати ги обвини руските агенти за дел од тие активности, што Москва го негира.
Европските безбедносни служби претходно истражуваа и случаи на запаливи направи скриени во пратки кои се запалија во текот на 2024 година, вклучувајќи уреди пронајдени во логистичкиот центар на DHL во Лајпциг и во товарни пратки кои минувале низ Европа.
Германското Министерство за внатрешни работи не сакаше да коментира дали постои поврзаност меѓу најновиот инцидент и минатогодишните случаи.
Извршниот директор на DHL, Тобијас Мајер, изјави дека компанијата ги анализира околностите на настанот и дека ќе направи сè за последиците по корисниците да бидат што помали.






