домаМакедонијаЈули 2026 бил најуспешниот месец за македонските аеродроми досега

Јули 2026 бил најуспешниот месец за македонските аеродроми досега

- Advertisement -spot_img

Македонските аеродроми продолжуваат со силен раст на патничкиот сообраќај, а најновите податоци покажуваат дека јули 2026 година бил најуспешниот месец досега и за аеродромите во Скопје и Охрид. Според ТАВ Македонија, која управува со двата аеродроми, охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ поставил нов историски рекорд, додека Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe) повторно ги рангира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во ЕУ.

Во текот на јули преку охридскиот аеродром патувале 52.544 патници, што е за 41,2 отсто повеќе во споредба со истиот месец минатата година. Во истиот период биле реализирани 443 летови, односно раст од 34,6 проценти. Во јули биле поставени и два нови дневни рекорди. На 26 јули аеродромот опслужил 2.988 патници – најголем број во еден ден досега, додека на 20 јули биле реализирани рекордни 22 летови.

Позитивниот тренд продолжува и на годишно ниво. Од јануари до јули преку охридскиот аеродром поминале 175.182 патници, што претставува раст од 24,2 проценти, додека бројот на летови достигнал 1.350, односно 28,7 проценти повеќе од истиот период лани.

Силен раст бележи и Меѓународниот аеродром Скопје, кој во јули опслужил 408.925 патници или 29,5 проценти повеќе отколку во истиот месец минатата година. Во текот на месецот биле реализирани 2.670 летови, што претставува зголемување од 10,3 проценти. Најфреквентен ден бил 31 јули со 16.347 патници, додека најголем број летови, вкупно 101 биле реализирани на 20 јули.

Во првите седум месеци од годинава, преку скопскиот аеродром патувале 2.241.935 патници, што е за 29 проценти повеќе во однос на истиот период лани, а бројот на летови се зголемил за 7,1 процент и достигнал 14.930. Заедно, двата македонски аеродроми во периодот јануари–јули опслужиле повеќе од 2,4 милиони патници и реализирале 16.280 летови, што претставува раст од 28,4 проценти на патничкиот сообраќај и 8,6 проценти на бројот на операции.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека рекордните резултати се доказ дека инвестициите во нови авиолинии, развојот на аеродромската инфраструктура и соработката со институциите даваат конкретни резултати. Тој посочи дека и покрај реконструкцијата на охридскиот аеродром, авиосообраќајот и патничките услуги се одвиваат непречено.

Според најновиот извештај на ACI Europe за првата половина од 2026 година, Македонија е лидер меѓу земјите кои не се членки на ЕУ според растот на патничкиот сообраќај, со зголемување од 27,9 проценти. Зад неа се Молдавија, Албанија, Узбекистан, Ерменија и Црна Гора. Воедно, Меѓународниот аеродром Скопје е рангиран меѓу најбрзорастечките аеродроми со средна големина во Европа, со раст на патничкиот сообраќај од 28,6 проценти.

Од ТАВ Македонија најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со инвестиции во развојот на двата аеродроми, проширување на мрежата на авиолинии и подобрување на услугите, со цел дополнително да се поттикнат туризмот и економскиот развој на земјата.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img