Двајца пратеници од бугарската партија „Преродба“, и покрај тоа што имаат важечка едногодишна забрана за влез во Македонија, минатата недела присуствувале на судско рочиште во Основниот суд во Кочани, објави Телма.
Станува збор за Крсто Врачев и Ангел Георгиев, кои на своите профили на Фејсбук објавија фотографии од судницата, со што потврдија дека биле присутни на рочиштето за случајот на 23-годишната Ива Михајлова од Кочани, која поседува македонско и бугарско државјанство.
За време на посетата тие упатија критики кон македонскиот правосуден систем и порачаа дека, според нив, државата неправедно постапува кон девојката која се самоидентификува како Бугарка.
Врачев и Георгиев се меѓу 27-те пратеници од „Преродба“ опфатени со пресудата на Основниот суд во Битола (ПРК-О-263/25), донесена во август минатата година. Со пресудата им е изречена едногодишна забрана за влез во државата, како и прекршочни парични казни во износ од 50 до 230 евра.
Според судската одлука, на 15 јуни 2025 година тие нелегално ја преминале државната граница од Република Грција и незаконски престојувале неколку дена на територијата на Македонија.
И покрај важечката забрана, двајцата повторно успеале да влезат во земјата и да присуствуваат на судското рочиште во Кочани.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека не доставуваат информации за влез и излез на лица по барање на трети страни. Според МВР, такви податоци може да се дадат само по барање на надлежен државен орган, согласно закон, или на самото лице за негови лични потреби.
За прашањата поврзани со судската забрана, Министерството ја упати јавноста до Основниот суд во Битола.
Ива Михајлова е обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа и нејзината одбрана ја негираат вината и бараат да ѝ бидат вратени патните исправи за да може да замине на лекување во Бугарија.
Случајот внимателно го следи и бугарското Министерство за надворешни работи. Нејзиниот адвокат потврди дека до Основниот суд во Кочани е доставено ново барање, придружено со конзилијарно медицинско мислење, со кое повторно се бара враќање на пасошите и овозможување лекување во Софија.
Судот се очекува да донесе одлука по ова барање во текот на наредната недела.






