Ја прашавме вештачката интелигенција кои македонски градови се најлоши за живот за младите, при што добивме одговор дека тоа се малите градови со висок степен на депопулација како Македонски Брод, Делчево, Берово, Кратово, но и Тетово е наведен како лош град за младите поради еколошките проблеми, загадувањето, хаосот во сообраќајот.
Се наведува дека во малите места економскиот развој е во стагнација. Младите по завршување на средното или високото образование немаат голем избор за професионална кариера, а и социјалниот живот е пасивен затоа што нема кина, театри, културни настани.
„Еден аспект е што младите физички ги нема тука, а тие што се средношколци едвај чекаат да завршат со образованието и да заминат. Тешко ни е да мобилизираме млади за активности. Пред 2 години отворивме Младински центар, го препознаваат, но помалите, а не е како што беше замислено. Луѓето бараат културно-забавен живот, такви им се годините. Тешко е и волонтери да привлечеме. Сме се обидувале да ги ангажираме, но нема самоиницијатива од нивна страна. Тешко е да се најде работа во Македонски Брод, приватниот сектор е слаб, а младите преку лето работат како келнери. Јас гледам потенцијал во туристичкиот сектор, но не може еден човек нешто да направи, потребно е системски да има насочени активности“, вели Магдалена Здравеска, претседателка на Локал Акт Македонски Брод.
Но, во овие мали места потребно е младите да бидат поактивни за пронаоѓање на работа или пак да бидат мотивирани да волонтираат.
„Секој си има своја замисла, младите не се како постарите генерации. Менталното здравје на младите е лошо, имавме работилница на оваа тема. Младите не се заинтересирани да се ангажираат, а работа има. Тие не се свесни која улога ја имаат во општеството, во семејството, како ученици и слично. Имаме културни настани, јас сум асистент на фолклорна група, има промоции на книги. Има млади луѓе што се стабилни, но нивната цел е да заминат на школување во Бугарија, Словенија, Хрватска или крајна цел им е САД. Еднаш ако отидат, не се враќаат“, рече Наталија Димитровска, координаторка на Младински центар на Општина Делчево.
Беровчанка на средна возраст вели дека градот Берово е погоден за живот за пензионери, но не и за млади луѓе.
„За младите не е добро место за живот, нема вработување и младите се иселуваат. Настани ретко има. За пензионери, за мирен живот во Берово е подобро отколку во големите градови“, вели беровчанка.
Жител на Кратово објаснува дека градот не нуди добри услови ни за младите ни за старите и вели дека станува полошо, а гратчето замира. За Скопје пак иако нуди повеќе можности за напредок во кариерата, наведено е дека е скап за живот, посебно за младите со ниски почетни плати.






