Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари тет-а-тет средба со премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, на која двајцата разговараа за унапредување на билатералните односи и за актуелните регионални предизвици.
Како што соопшти Мицкоски преку објава на социјалните мрежи, средбата поминала во отворена и конструктивна атмосфера, при што биле разменети мислења за повеќе теми од заеднички интерес.
Во фокусот на разговорите биле можностите за продлабочување на економската соработка, развојот на трговските односи, инфраструктурното поврзување меѓу двете земји, како и реализацијата на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за поголем економски развој и подобар животен стандард за граѓаните.
Мицкоски истакна дека на средбата била потврдена заедничката определба за натамошно јакнење на пријателските односи меѓу Македонија и Србија, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и партнерство.
„Ја потврдивме заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион“, напиша Мицкоски.
Средбата е дел од континуираните контакти меѓу владите на двете земји, кои во изминатиот период најавија засилување на соработката во повеќе области, со акцент на економијата, инфраструктурата и регионалната стабилност.






